Именувајќи конкретен портал, тој рече дека уште во 9 часот почнала да се развива теорија дека зад настанот во Кочани стои некој Албанец, за потоа откако „други провладини портали ја објавуваат истечената лиценца од 2023 година, ја бришат веста за да после неколку часа ја објавуваат веста за некоја фалсификувана лиценца како главен столб на владиниот спин наратив“
Целосната морална материјална и кривична одговорност за оваа трагедија не може да се бара на ниедно друго место освен во самата Влада, Министерството за внатрешни работи и Општина Кочани. Ова вечерва го изјави потпретседателот и портпарол на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Арбер Адеми на прес-конференција пред полициската станица „Карпош“ каде на распит се наоѓа поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши, а во врска со трагедијата во Кочани.

Тој ја обвини актуелната власт дека наместо сплотеност и солидарност покажала политиканство, градејќи преку своите медиуми, наратив дека ДУИ е виновна за сè.
„Уште во утринските часови кога пристигнуваа првите информации од Кочани медиумските јастреби на владејачките партии почнаа да ги ставаат темелите на големиот спин којшто во текот на денот се разви во официјален наратив на Владата“,
рече Адеми.
Именувајќи конкретен портал, тој рече дека уште во 9 часот почнала да се развива теорија дека зад настанот во Кочани стои некој Албанец, за потоа откако „други провладини портали ја објавуваат истечената лиценца од 2023 година, ја бришат веста за да после неколку часа ја објавуваат веста за некоја фалсификувана лиценца како главен столб на владиниот спин наратив“.
„Наместо министерот за внатрешни работи, кој што е министер во последните 14 месеци, да ја преземе одговорноста што дозволил 12 месеци да работи кабарето без лиценца, секојдневно да се организираат собири спротивно на сите законски прописи и стандарди тој се обидува на бесрамен начин да ја префрли дебата на етничка и партиска димензија“,
кажа тој.
Порпаролот на ДУИ рече дека од партијата бараат целосна транспаретност и одговорност за вистината да излезе на виделина и апелира од институциите и партиите да се откажат од обидите да ја прикажат ДУИ како виновна за сè што се случило, што се случува или ќе се случи во иднина.
„Ова не им служи на меѓуетничките односи“,
кажа тој.
Изрази сочувство за големата трагедија што се случи во Кочани и посака брзо закрепнување на повредените и сила за семејствата на загинатите.
Додаде дека вечерва се наоѓа пред полициската станица „Карпош“ бидејќи како партија се загрижени за целата ситуација и обидите што се прават од институциите и Владата еден трагичен настан да се креира во политичка и етничка дебата.
Посочи дека на ваков ден треба сите да бидеме сплотени и да им помагаме на семејствата на жртвите и на повредените.
„Ова е дефокусирање од целата оваа трагедија, да се спаси кожата на некој што не може во вакви трагедии да се спаси. Затоа апелираме, немојте дежурен виновник да биде ДУИ. Бараме целосна транспарентност за овој случај. Вистината мора да излезе на виделина“,
рече Адеми.
Посочи дека поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши доброволно се пријавил во полициска станица.
„Го викнаа и во полициската станица во Кичево. Но, при разговор со полицијата, тој сам инсистирал да отиде таму каде што може побрзо да даде информации. Дојде во Скопје поради ажурност од негова страна да одговори за секој повик поврзан со овој случај“,
рече Адеми.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вечерва на прес-конференција потврди дека поранешниот министер за економија Крешник Бектеши е на распит во полициската станица „Карпош“.