Од следните Олимписки игри во Париз ќе донесеме најмалку еден златен медал, ветија тренерите на Георгиевски. Борецот во текводно, пак, посака и од овие Олимписки игри останатите спортисти да донесат уште некој медал
Аплаузи и скандирања вечерва доби борецот во текводно, Дејан Георгиевски, на прославата на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје, по повод сребрениот медал што го освои на Олимписките игри во Токио во категоријата над 80 килограми.
„Ветивме дека ќе донесеме златен медал, за жал, донесовме сребрен. Но, ветувањето дека ќе донесеме медал го остваривме. Сигурен сум дека сите наредни Олимписки игри ќе имаме многу претставници во текводно … Сакам да им посакам успех на останатите спортисти кои треба да настапат на Олимписките игри, дај Боже и тие да донесат медал, па да ги пречекаме вака и нив“,
рече Георгиевски, заблагодарувајќи им се своите тренери, семејството и клупските другари за поддршката.
Ова е само почеток, порача претседателот на Македонската таеквондо федерација, Борче Костовски. На следните олимписки игри кои треба да се одржат во Париз во 2024, рече тој, одиме по злато.
„Сакам да порачам до општествениците, чувајте го Дејан како капка вода на дланка затоа што тој е светол пример и покажува како треба и тој ќе покаже на сите други што не можат и не знаат како“,
рече Костовски.
Најмалку еден златен медал од Париз, вети и неговиот брат, Дарко Костовски, кој е тренер на Георгиевски.
„Ние јасно и гласно пред сите ветивме медал во Токио. Ветивме златен медал, за малце не го стигнавме, но да бидете сигурни дека од Париз ќе донесеме најмалку еден златен медал“,
рече Костовски потенцирајќи ги и останатите борци во текводно кои забележале успеси на светски и европски првенства, меѓу кои се и братот и сестрата на Дејан Георгиевски.