Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов смета дека гаснењето на овој пожар ќе биде тешка операција токму поради запалените шишарки што летаат насекаде

Пожарот што денеска изби во атарот на пехчевското село Негрево е исклучително силен и тежок за гаснење, вели директорот на Центарот за управување со крици (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Според него, зафатена е квалитетна борова шума, а запалени шишарки летаат и по 20 до 30 метри и создаваат нови жаришта.
„Локални пожарникари од Берово и од Делчево се обидуваат да направат една линија, еден противпожарен појас сечејќи ги боровите за да не може огнот да се префрли од една на друга страна“,
вели Ангелов.
Сепак, тој смета дека гаснењето на овој пожар ќе биде тешка операција токму поради запалените шишарки што летаат насекаде.
Ангелов информираше дека во моментов Пехчево е безбедно зашто градоначалникот, пожарникарите и локалното население придонеле за формирање на противпожарни појаси и фокусот е ставен токму на одбрана на Пехчево и селото Негрево од огнот.
„Рано наутро ќе се обдиеме да дејствуваме со летала, но морам да напоменам дека во овој момент имаме уште дваесеттина активни пожари од кои најмалку десет се поголеми и загрозуваат населени места“,
рече Ангелов.
Тој потенцира дека состојбата е крајно сериозна и дека денеска се забележани рекорден број пожари во еден ден. Апелираше граѓаните да бидат внимателни, а земјоделците да не ги палат стрништата и предупреди дека полицијата засилено трага по предизвикувачите на пожари.