Од почетокот на 2020 година до крајот на 2021 година починале вкупно 53 865 лица, наспроти очекуваните, според просекот, 40 468. Тоа е разлика од 13 397 смртни случаи, односно 33% повеќе од очекуваниот просек. Од тие дополнителни починати, 7 969 се припишуваат на ковид, но податоците говорат дека има уште 5 428 други
Овие отстапувањa се разликуваат од општина до општинa
На 26 февруари 2020 година во Македонија беше потврден првиот случај на ковид-19. До крајот на ноември 2021 година веќе имаше 225 484 кои заболеле од вирусот, а 7 969 лица ја загубија битката со ковид-19 и починаа.
Го користиме крајот на декември како референца затоа што од тогаш датираат последните официјални податоци за вкупниот број починати во земјава. А податоците покажуваат дека регистрираните смртни случаи од ковид-19 не се целосниот „црн биланс“ на кризата.

Просечниот број смртни случаи на годишно ниво во земјава во трите последни години пред пандемијата, од 2017 до 2019, изнесува 20 234 лица. Во 2020, првата година од ковид-19 пандемијата, според податоците од Државниот завод за статистика, починале 25 049 луѓе. Тоа се околу 5 000 смртни случаи или 25 насто повеќе од просекот во претходните три години. Од тие 5 000 плус починати, само 2 510 се регистрирани како ковид-19 случаи. Останатите се дополнителен вишок од просекот.
Во цела 2021 година, пак, починале вкупно 28 816 лица. Тоа се околу 8 500 дополнителни смртни случаи, односно 7 700 смртни случаи или 42% повеќе од просекот. Ковид-статистиката покажува дека во тој период има 5 186 смртни случаи кои се припишуваат на ковид-19, што пак значи дека има уште околу 3 396 плус.

„Oгромна бројка. Тоа ќе ќе биде најстрашна година во историјата, пострашна и од Втора светска војна мислам немало толкав број на ексцесно умрени луѓе“,
вели д-р Никола Пановски, микробиологот и професор на Медицинскиот факултет
Корелацијата меѓу зголемената смртност и ковид-19 најдобро се гледа доколку податоците се разгледаат во временска низа, по тримесечја. Со портокалова боја е прикажан бројот на смртни случаи во 2020 и 2021 година, а со сина е просекот по квартали за периодот 2017-2019 г.

Нема екстремни разлики за време на пролетниот карантинот и летните одмори во 2020 година, но зимата состојбата ескалира. Кога се смири бранот, пред Нова година и следниот месец, бројот на смртни случаи се приближува до просекот од периодот без ковид. Но, по мартовскиот и априлскиот бран во 2021 година, бројот на починати повторно значајно расте и останува таков до крајот на годината.
Причината за ваквото движење на „црната статистика“, според микробиологот Пановски, во голем дел треба да се бара во олабавувањето на мерките за влез во земјава и дозволата за свадби на затворено.
„Имате илјадници смртни случаи заради една таква одлука каде здравствениот систем не беше спремен да ја прифати таа експлозија на болни“,
вели Пановски.
Ако се се стави на купче, од почетокот на 2020 година до крајот на декември 2021 година починале вкупно 53 865 лица, наспроти очекуваните, според просекот, 40 468. Тоа е разлика од 13 397 смртни случаи, односно 33% повеќе од просекот. Од тие дополнителни починати, 7 969 се припишуваат на ковид, но податоците говорат дека има уште 5 428 други.

Овие отстапување се разликуваат од општина до општинa.
Ако се исклучат малите општини, кои во просек имаат по помалку од 100 смртни случаи годишно, најмногу вишок смртни случаи има во следниве 10 општини.

Жителите на Општина Липково гледаат повеќе причини зошто нивната општина е лидер во црната статистика.
„Непочитување на мерките, летно време дојдоа и од дијаспора, гужва и се е од тоа“;
велат дел од локалните жители.
„Mожно е да е што не отишле на доктор, не се интересирале многу“;
„Се пазеа луѓево, еден мој комшија тој и ракавици носеше, маската не ја вадеше ама се зарази и за една недела само кога слушнавме дека почина“,
За разлика од првиот пик кога Липково беше жариште на ковид-19, сега состојбата е помирна. Па растоварен е и единствениот Здравствен дом во општината, кој во цела криза работи со само три екипи.

Директорката, сепак, тврди дека и тогаш и сега секој што имал потреба од лекарска грижа, ја добил. Но, проблем, вели, бил скептицизмот за ковид-19.
„Во јавноста се пласираа многу информации можеби и дезинформации дека мене ми се случило вака, на друг така. Зошто мене вака ми се случи, мене ваква терапија ми дадоа, на мој роднина таква терапија му дадоа и почина, еден вид страв видов и можеби здравствената ситуација ја донесоа до степен каде што веќе не можеше да се интервенира“,
вели Рукије Мифтари, директорка на Здравствен дом Липково
Сите од Липково што имаат потреба од болнички третман се носат во кумановската болница. Но, Мифтари признава дека и тоа не одело лесно.

„Факт е дека во пикот на пандемијата здравствените установи немаа капацитет каде да ги сместат. Нашите екипи ги носеа и ни кажуваа дека по ходниците ги оставаат, бидејќи немаше каде да ги сместат“,
вели Мифтари.
Кумановската беше една од најпогодените болници во првиот бран на пандемијата. И покрај напливот од болни, директорката на болницата, Снежана Захариева, тврди дека ниту еден пациент кој имал потреба од хоспитализација не бил вратен дома.

„Oвде сме хоспитализирале со средно-тешка клиничка слика, тоа се нашите можности. Ние немаме централен довод на кислород, што не значи дека сме ги оставиле без кислород, на кислородни боци тоа беше додатно оптеретување на целиот персонал, но имале кислороден третман. Но, респиратори, немаме на пример не сме терциерна установа, за тоа треба додатен обучен кадар, значи она што како општа болница сме требало да го пружиме, сме го пружиле“,
вели Захариева.
Гостивар е на четвртото место на ранг-листата по бројот на дополнителни смртни случаи споредено со просекот. Главен здравствен центар е гостиварската болница.

„Зошто Гостивар е во топ 5? Точно мислам дека заради касното побарување на медицински и адекватен третман и мислам дека доста пациенти во домашни услови починале без соодветен третман. Мислам дека тоа е една од причината зошто во Гостивар смртноста била поголема од другите градови“,
вели директорот на болницата во Гостивар, Јакуп Јакупи.
Раководителот на Инфективното одделение во Гостивар, како и директорот на болницата, причината за зголемената смртност ја гледа во задоцнетото барање медицинска помош.
„Се лечеле дома, дали матичните лекари или самите инсистирале да ги лечат матичните, значи доаѓаа на 9ти, 10ти ден, кога веќе сатурацијата му паднала на 30, 40 кога веќе не можевме да го вратиме“,
вели д-р Ратко Наумоски, Раководител на Инфективно одделени во Гостивар.
Сепак, вели Наумоски, свој удел имаше и политиката.

„Голем дел имаме и гастрабајтери што идат затоа август септември ни беше пик најголем бидејќи мислам дека и државата имаше некоја кривица на некој начин, бидејќи мораше да се прават тестови на границите за да знае што како“,
вели Наумоски.
Меѓу скопските општини, најлошо е во Сарај, која е на второ место во земјава по зголемена смртност, со 57 насто поголем број починати за време на пандемијата споредено со просекот од минатите години.
И покрај црните статистики, дел од жителите одбиваат да ја прифатат реалноста.

„Мислам дека се ова е наместена работа, не верувам, не сум ниту вакцинирана.“
коментираат дел од жителите на Сарај.
„Во вакцината има антифриз, глицерин од колите. Што, јас да го примам тоа? Никогаш.“
Други проблемот го гледаат во системот.
„Несоодветно лекување и ненавремено дијагностицирање на болестите или третман на заболените.“
велат дел од локалните жители.
„Можеби луѓето не одат во болница за контроли и такви работи. И ако одат таму треба да се чека со саати, знаеш“,
Во Сарај нема Здравствен дом или поликлиника, па единствено место за помош се матичните лекари.

„Од август месец наваму беше катастрофа. Што беше причината, дојдоа и нашите сограѓани што работат во странство се вратија на одмор тука, па мерките се олабавија нели, почна да работат ресторани, да се групираат, да прават свадби луѓето и тогаш бројот се зголеми енормно и имавме голем проблем. Голем е бројот што не сакаа да се вакцинираат, многу од нив имаа страв од вакцината“,
вели д-р Шабан Сали, матичен лекар во Општина Сарај.
Според Сали, за зголемената смртност во Сарај, освен ковидот, влијаеле и другите болести, но и начинот на лекување на болните во ковид-центрите.
„Не може да менаџира ковид-пациент еден специјализант на офталмологија ОРЛ или друга специјалност, немам ништо против колегите, но секако друго е некој што ќе се занимава со таа проблематика, бидејќи тоа се пациенти претежно со респираторни инфекции. Затоа во смрноста верувам дека влијаел и овој момент“,
вели Сали.
Секоја општина, секоја болница, си има своја приказна – зошто токму кај нив имало далеку повеќе смртни случаи и од вообичаениот просек, но и од остатокот од земјата, иако сите се соочуваа со иста болест.

И доктор Пановски смета дека причините се повеќеслојни – од опременоста на одредени болници до стратегијата на државата.
„Да затворите болници за сите други, да не примате во болница ако е ковид-негативен за други прегледи, или ако е ковид-негативен да не го примате во ковид-центар, а тој очигледно има ковид, па го лечат амбулантски или не знам каде, бидејќи ПЦР-от не го покажал. Тоа се влијае, но најмногу влијае веројатно самата организација на системот и се беше подредено на ковидот. Да успееше таа подреденост, не успеа ни таа. Бидејќи и со ковид сме на лошо место, до ден денес бројот на смртни случаи е висок, oсобено на болничката смрност“,
вели Пановски.
За потребите на оваа сторија, „360 степени“ побара интервјуа и од неколку надлежни во Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести. Од различни причини, не добивме позитивен одговор на поканата.
Засега останува непознато – на што се должат големите разлики во бројот на починати по општини, но и зголемениот број смртни случаи во кои ковидот не е наведен како причина за смрт. Такви или слични анализи беа најавувани неколкупати, а додека да се направат, ќе остане фактот дека во првите две години од ковид-кризата државата изгубила близу тринаесет и пол илјади граѓани повеќе отколку што можело да се очекува според просеците од претходните години.