Во целата оваа слика го нема Села, туку сите преговори ги води Таравари. Ако случајно победи оваа опција, Таравари е де факто претседател на АА, ако не тој ќе ја плати цената за персоналниот влог во овој „проект“, вели политичкиот аналитичар во интервју за „360 степени“
При гласањето по прашањето за доверба на Владата в четврток, ќе се види дали Желино може да урне влада или да смени партнер во таа влада. Ќе се види дали победата на Беса во Тетово и во Желино ќе се претвори во грешка за Беса да остане надвор од оваа политичка влада и нејзиното место да го заземе нејзиниот политички ривал – Алтернатива.
Овие дилеми ги отвора политичкиот аналитичар Сефер Селими, во најновото издание на емисијата „360 степени“, анализирајќи ги случувањата на политичката сцена по локалните избори и барањето на опозицијата (поддржана од Беса) да ѝ се гласа недоверба на владата на Зоран Заев во Собранието.
„Една партија, која со своите четворица пратеници има потпишано за недоверба на Владата, сега излегува со став дека нема став. Тоа остава простор за сомневања дека внатре во партијата се прават калкулации, така што сега сме во едно Тарантиново сценарио со Макијавели како пишувач“,
вели Селими, во врска со последните премислувања во Алтернатива околу соработката со Левица за уривање на Владата.
Во однос на тоа дали ќе успее иницијативата за изгласување недоверба на владиниот кабинет, тој смета дека сите опции се на маса, а како што нагласува, тој што нема да успее ќе ја плати најголемата цена.
„Во целата оваа слика го нема Зијадин Села. Сите овие преговори ги води Таравари. Ако случајно победи оваа опција, Таравари е де факто претседател на Алијансата за Албанците. Ако не, тој ќе ја плати таа политичка цена за персоналниот влог што го направи. Сепак, мислам дека сите овие случувања се влог во недовербата на граѓаните кон политичките партии, што раѓа недоверба кон државата и институциите. Тоа е една многу опасна спирала што го минира демократското владеење во едно општество“,
вели Сефери.
За ДУИ тој оценува дека успеала да извлече излезни сценарија, така што во секој поглед излегува како победник. Ако сега успеат да останат во Владата, според Сефери, тоа ќе го амнестира и нивното владеење со ВМРО-ДПМНЕ.
На прашање какви се шансите в четврток да ѝ биде изгласана недоверба на Владата и дали тоа ќе значи формирање ново мнозинство или вовед во предвремени извори, Селими вели дека шансите се педесет спрема педесет.