„За денеска се најавуваат врнежи кои, ако паднат, ќе ја стабилизираат состојбата, но ние активно гаснеме во текот на денот, не чекаме да заврне, па ако пожарите почнат повторно да дивеат, а ресурсите не се доволни, има начин како многу брзо да пристигне помош од странство“, вели Ангелов

Седум активни пожари денеска се гаснат од пожарникари на локални Територијални противпожарни единици, вработени во „Национални шуми“, со хеликоптреи и со „ертрактори“, велат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Најсериозен и најтежок за гаснење, вели дирекорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, е оној на територијата на Општина Македонски Брод, кој се движи кон ловиштето „Јасен“.
Во гаснењето на пожарот во кој гори борова шума, Ангелов вели дека веќе се дејствува со еден полициски хеликоптер на кој ќе му се придружат и два „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
Другите пожари, вели Ангелов, се во Општина Пласница, каде што гори мешана шума, во Општина Долнени два пожари се на две локации, и тоа во атарот на селата Небрегово и Гостиржани, два пожари се во Општина Чашка и тоа еден кај селата Габровник и Мокрени и друг кај селото Ореше.
Седмиот активен пожар денеска, а кој е од вчера попладне, додава Ангелов, е во Гостивар кај селото Беловиште, каде што дејствуваат претставници на „Национални шуми“, локални пожарникари, а гори мешана шума.
Ангелов рече дека успешно се справуваат со пожарите, а од помош би биле врнежите што се најавуваат за денешниот ден.
„За денеска се најавуваат врнежи кои, ако паднат, ќе ја стабилизираат состојбата, но ние активно гаснеме во текот на денот, не чекаме да заврне, па ако пожарите почнат повторно да дивеат, а ресурсите не се доволни, има начин како многу брзо да пристигне помош од странство“,
рече Ангелов.
Директорот на ЦУК денеска во изјава за медиумите по состанокот на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, рече дека пожарите на повеќето места се на тешко пристапен или непристапен терен и кога би однеле повеќе пожарникари или војници, тие не би биле ефикасни и би била доведена во прашање нивната безбедност.
Прашан дали се знае колкава штета е предизвикана од пожарите, Ангелов рече дека таа дополнително ќе се утврдува од страна на „Национални шуми“ или од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Од она што можам да го видам како лична перцепција конкретно на планината Серта, најголем дел од она што е изгорено, околу 90 отсто е трева, грмушки, нискостеблести растенија, трње и во еден мал процент се борови, зимзелена шума која е садена покрај патот и на тие делови пределот е многу нагрден. Економската штета од планината Серта можеби не е голема, туку поголема е штетата за ресурсите што беа ангажирани. Најголема штета е еколошката“,
рече Ангелов.
Тој рече и дека во гаснењето на пожарите има повредени пожарникари и доброволци.
„Имаме неколку пожарникари што се здобија со изгореници, односно еден пожарникар и еден жител на населено место. Завчера командирот на ТППЕ Штип ги скрши двете раце при пад во дол, а со него паднал и уште еден пожарникар што ја има скршено едната рака. Ден претходно на планината Серта при гаснењето пожарникар доброволец исто така има скршено рака паѓајќи од четирицикл“,
додаде Ангелов.
Тој нагласи дека пожарите зафаќаат голема територија и оти се работи со силна динамика, што значи дека се очекувани повреди, иако, како што вели, многу се внимава на тоа, односно на гасначите на пожарите и на населението.
„Секогаш кога имаме повеќе пожари фокусот го ставаме онаму каде што може да бидат загрозени човечки животи, а веднаш потоа населени места и борова шума што тешко се гасне“,
рече директорот на ЦУК.