Во викендите со продолжен полициски час на улиците не се само оние што одат по работа или по лек.
Активистите за благосостојба на бездомните животни имаат посебни дозволи за да прават обиколки низ Скопје и да се грижат за оние за кои во моментов не се грижи никој.

„За разлика од другите држави каде што ја имаат ангажирано дури и војската и полицијата за да ги храни бездомните животни надвор од населените места, ние не сме стигнати до тоа ниво“,
вели Ивана Мишева од граѓанската иницијатива „Кане корзо“.
Но, додека за едни долгите полициски часови се сигнал да им помогнат на бездомните животни, за други тоа е шанса да им наштетат. Виница е само еден од примерите на масовно труење кучиња.

„Сега изгледа сѐ помасовно, дали трујачите ја злоупотребуваат оваа состојба во сите градови, па трујат и домашни и улични кучиња. Тоа е болка којашто трае во Македонија многу долго време, којашто не се санкционира. Не може тоа да е непознат сторител, како може тоа да помине без одговорност?“,
вели Мишева.
Додека надлежните ги бараат сторителите, активистите спасуваат животи.
Освен во вонредна состојба, членовите на здружението „Кане корзо“ редовно ги посветуваат и своето време и своите пари на спасувачки мисии и патроли по запуштени периферни делови на градот.
„Нѐ обедини љубовта кон животните и желбата да им помогнеме на овие напатени души коишто живеат на едно сурово место за преживување. Зборот благосостојба овде буквално не постои како што може да се уверите“,
раскажува Ирена Колева, активистка во граѓанската иницијатива „Кане корзо“.

На кучињата на кои не можат да им се приближат, им оставаат храна. На други, им даваат шанса за нов живот. Овој пат таква среќа имаше Глори.
Ова не е единствената депонија која некои луѓе ја доживуваат како одлагалиште за своите домашни миленици. За бројот на бездомни кучиња може само да се претпоставува, но едно е факт – без ефикасна контрола во моментов, проблемот само расте.

„Државата малку сериозно да го сфати овој проблем и да се реши ова еднаш засекогаш, затоа што не е во наша моќ ова да го решиме ние. Само ги поправаме последиците“,
вели Колева.
Додека во Скопје не проработи новиот државен државниот стационар, активистите привремено ги чуваат кучињата во своите домови.
Во дворот на Ивана има повеќе од 50 кучиња. Еден дел од нив целиот живот го минале на улица, но други се тука поради неодговорни сопственици.
„Има и такви коишто сопствениците веќе не ги сакаат и ние на добра волја сме решиле да ги преземеме, да ги лечиме и да пробаме да ги вдомиме. Сепак, капацитетот е ограничен“,
вели Мишева.

На некои веќе им нашле нов дом. Но, нивните места нема да останат празни.
„Проблемот е реален и се зголемува. За една година како не работи стационарот за ‘Залови, стерилизирај и врати програма’, колку и да ја спроведуваше, на некој половичен начин, разликата се гледа и цело време има нов прилив на кучиња и нови легла“,
објаснува Мишева.
Дел од нив живеат на депонијата кај некогашниот озлогласен стационар „Вардариште“, кој до лани го водеше „Комунална хигиена“. Тука треба да проработи новото јавно претпријатие „Лајка“, замислено како партнерство меѓу Град Скопје и здруженијата за заштита на животните.

Но, зошто стационарот не е готов? Директорката ни одговори дека подготовките се при крај. За зголемениот број бездомни кучиња, во меѓувреме, од Градот велат дека најголем проблем се неодговорните сопственици поради што имале кампања за бесплатно чипирање на домашните миленици.
„За неидентификување на миленикот со микрочип, согласно одредбите од Законот за идентификација и регистрација, казната изнесува од 100 до 150 евра во денарска противвредност за физички лица и 1 000 евра за правните лица“,
велат од Град Скопје.
Обврската домашните кучиња да имаат микрочип е од 2013 година, а целта беше да се стави крај на неодговорното сопствеништво. Низ годините беа воведени и казни, не само ако животното нема чип туку и ако сопственикот го напушти.
За седум години само еден човек е парично казнет затоа што го оставил на улица домашниот миленик, а ниту еден затоа што не му вградил микрочип.

„Досега сите тие лица коишто се затекнати или по пријава е кажано дека не е чипиран домашниот миленик поминале со мерка едукација, затоа што веднаш после тоа истите го имаат чипирано миленикот, а и активноста беше таква за бесплатно чипирање“,
вели директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов.
И додека несовесните сопственици засега поминуваат лесно, се трупаат пријавите против Градот за напади од бездомни кучиња.
Пријави за напади од бездомни кучиња во Скопје
Година | Број на пријави |
2016 | 68 |
2017 | 122 |
2018 | 404 |
2019 | 618 |
2020 (до 31.3) | 196 |
Според податоците што ги обезбедивме од МВР, во 2016 година имало 68 пријави од граѓани што биле нападнати од бездомни кучиња во Скопје. До 2019 година оваа бројка се зголемила речиси десетпати, на 618 пријави. Трендот сѐ уште расте, бидејќи само во првите три месеци годинава веќе има безмалку 200 пријави.
Не може да се пресмета колкав удел во оваа статистика има и зголемената свест на граѓаните, но факт е дека судските пресуди ја празнат градската каса.
На хартија, Атанасов решението го гледа во новиот закон кој заглави во Собранието и со него е предвидена поголема контрола и на дивите одгледувачници на кучиња. Но, на терен, проблемот може да се надмине само со засилени инспекции и активности од локалните власти. Помошта на Агенцијата во процесот ќе се состои во донација на микрочипови за општините.
„Знаете, има приказни, не знам колку се точни, дека кучињата се шетаат од една во друга општина. Сега, ако го најдете истото куче во друга општина, а има микрочип дека е сопственост на Тетово, на пример, а е најдено во Скопје, тогаш казната ќе си ја плати Општина Тетово, а не Скопје“,
вели Атанасов.
Општините што немаат прифатилишта ќе треба да ги идентификуваат и стерилизираат животните во соработка со ветеринарите. Но, дотогаш тие остануваат исклучени од приказната.

„Сѐ додека предлозите се така малку неоформени и секој сака половично донекаде да ја заврши работата, ефект нема да има. А и верувам дека ветеринарните лекари, не само ние како амбуланта туку и доста од колегите, ќе стојат малку понастрана од целата ситуација“,
вели ветеринарката Светла Дракуловска.
Во Скопје, откако ќе проработи „Лајка“, тамошниот ветеринар ќе одлучува кое куче ќе биде чипирано или лекувано, а кое ќе оди на евтаназија. Токму овој дел од програмата на новото јавно претпријатие наиде на критики, па сега се чека да пресече Агенцијата за храна и ветеринарство.
Ако работеше „Лајка“, Глори ќе поминеше низ стационарот. А ако имаше микрочип, ќе се знаеше кој ја оставил на улица и, можеби, некој ќе беше казнет. Но, тоа сега не им е грижа на активистите во чиј дом останува да закрепнува. За нив е најважно дека нејзиниот сјај полека почна да се враќа и веќе е спремна да биде нечиј нов најверен пријател, кој може да ги разубави и деновите во карантин.