Минатата недела, владејачкото мнозинство го укина членот 62-а кој предвидуваше за секое одобрување за градење да им се дадат 15 дена на газдите на соседните парцели до која треба да се гради, да извршат увид во градежниот проекти и евентуално да поднесат жалби
Министерот за транспорт, но и градоначалници и од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ велат дека измената е добра бидејќи биле затрупани со неосновани жалби поради инает, нарушени меѓусоседски и семејни односи, кои ја кочеле изградбата. Го делат и ставот дека правото на приговор и жалба при јавна анкета на Детален урбанистички план е доволно за исполнување на т.н. соседско право
Јана Белчева е позната во јавноста како предводничка на граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“. Но, во уличките во Дебар Маало, таа е пред се сосетка.
Не толку одамна и се пожалиле жители од комшилакот дека до нив почнал да се гради објект без никој да им каже или да ги праша.

И отидовме заедно во општината за да видат каков е проектот. Они имаат право, како непосредни соседи да го видат проектот. И кога видоа таму дури и со испратница, документ во кој они се потпишани дека биле информирани.
изјава Јана Белчева од „Шанса за Центар“, за „360 степени“
Фалс потпис
Граѓаните не само што не биле информирани, како што стоело во општинските документи, туку и не си ги препознале потписите. Бидејќи, некој друг се потпишал во нивно име.
За жал, граѓаните не се охрабрија понатаму да поведат постапка. Иако мислам дека тоа баш можеше да биде еден добар показател за тоа како функционира, односно како не функционира системот и како не ги заштитува.
вели Белчева.
Да добиеле известување навреме, соседите на Белчева можеби и ќе го искористеле правото да побараат корекции во планот на соседот пред да почне да гради, за да го заштитат својот имот.

А таквото право беше уредено во членот 62-а од Законот за градење и гласеше:
1) Надлежниот орган што го донел одобрението за градење е должен во рок од три дена од денот на донесувањето на одобрението за градење да ги извести непосредните соседи на градежната парцела за која се донесува одобрението, за издаденото одобрение за градење и дека во рок од 15 дена од денот на издавање на одобрението за градење можат да извршат увид во документацијата.
(2) Доколку непосредните соседи не извршат увид и/или не поднесат жалба против одобрението за градење во рок од 15 дена од денот на издавање на одобрението за градење, одобрението за градење станува правосилно.
пропишуваше членот 62-а, во Законот за градење.
За овој член говориме во минато време бидејќи минатата недела, 65 пратеника гласаа „за“, наспроти 10 „против“ за да се укине оваа одредба од законот.

Како и да било, повеќе нема право
Предлагач на измените беше Министерството за транспорт и врски.

„Тоа е на барање на ЗЕЛС, заедницата на единици на локалната самоуправа, од две причини. Прво, ги одлагаше многу постапките за градба. И второ, многу влијаеше и на социјалниот момент, искарани се меѓусебе по цела држава комшии, браќа ако сакате се испокарани меѓу себе, токму од оваа причина.
кажа Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт во интервју за „360 степени“
Па, побаравме двајца членови на раководството на ЗЕЛС од различни политички провениенции. Еве го нивниот одговор на прашањето – дали ЗЕЛС е тој што побарал бришење на т.н. соседското право во Законот за градење.

Искрено да ви кажам, јас не ни бев информиран дека имаме ваква законска измена. Самата законска измена ја прочитав некаде во медиумите иако отпосле пробав да се информирам дали ние како ЗЕЛС имаме отворено ваква точка за дискусија, истата ја немаме отворено, но имаме испратено некое соодветно соопштение, мејл, коешто за жал јас го немам прочитано. Што значи дека ние, како орган, Управен одбор на ЗЕЛС, не бевме соодветно информирани…
изјави меѓудругото Сашко Митовски, член на УО на ЗЕЛС и градоначалник на Крива Паланка.

Јас не можам да ги одвојувам измените во Законот за градење затоа што се направија цел сет на измени. На една од средбите со министерот за транспорт беа наведени сите аномалии како што споменав во системот коишто со години не попречуваат нас во реализација на одредени проекти. Тоа беше сето нотирано од страна на министерот и службениците коишто беа од неговиот тим.
кажа Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода.
Со други зборови, ЗЕЛС никогаш формално не побарал бришење на членот на 62-а. Но, тоа не значи дека градоначалниците не посакувале тоа да се случи и дека не го делат мислењето на министерот.
Градоначалниците се „За“
Актуелниот претседател на ЗЕЛС и градоначалник на Кисела Вода, вели – жалбите на одобренијата за градба кочеле бројни проекти, вклучувајќи ги и тие од јавен интерес.

Со овие законски измени и те како ќе ни биде олеснета работата и функционирањето на локалните самоуправи.
360: Веројатно вашето искуство, како што велите, покажува дека има злоупотреба на овој механизам. Но, од друга страна, сигурен сум дека има случаи каде што е употребен правилно, односно сепак тоа беше едно право на граѓаните, таму каде што можеби ќе згрешат општинските служби или има друг тип на самоволие, да се направи некаква корекција?
Па видете, граѓаните пред се ни се важни на сите нас. На крајот на денот јас сум политичар кој ја има оваа позиција благодарение на тие граѓани кои ме бирале мене и го имаат највисокото право во одлучувањето за било каков процес. При носење на Детален урбанистички план, јасно се прецизираат градежните парецели. И при носење на детален урбанистички план се спроведуваат и јавни анкети на коишто сите можат да реагираат со свои забелешки. Знаете и самите.
360: Така, но не, на пример, дека комшијата отворил прозор баш накај вас…
Тоа се состојби коишто ги регулираат инспекциските служби и постапуваат…
изјави меѓудругото Ѓорѓиевски.
„За“ измените, иако со одредени резерви, е и градоначалникот на Крива Паланка и член на управниот одбор на ЗЕЛС Сашко Митовски. И покрај тоа што неговата матична партија СДСМ, поточно делот од пратениците кои беа присутни на седницата, гласаше против во Собранието.

При носењето на Деталните урбанистички планови ги известуваме граѓаните преку организирање на јавни анкети коишто имаат можност секој оној којшто не се согласува со намените или градежните дозволи коишто се предвидени во тие детални планови соодветно да реагираат преку поднесување на приговор.
Сметам дека целосното укинување на членот 62-а од Законот за градење не е во ред. Граѓаните треба да бидат информирани, постапката да биде транспарентна, но да немаат можност во постапката при обезбедување на градење истите тие проекти да бидат закочени од нивна страна.
360: Дали имате како општина усвоено жалби на граѓани кога сте ги известиле?
Да, да. Па, секако, ние мора да постапиме и по…
360: Значи ли тоа дека општината понекогаш и греши при издавањето на одобренијата за градба?
Видете. Јас сметам дека службите соодветно постапуваат во однос на одобренијата за градење, согласно законските прописи, норми, коишто ги имаме на сила… Оваа законска измена има и свои предности, има и свои слаби страни коишто нормално ќе бидат предмет на јавна дискусија во следниот период.
изјави меѓудругото Митовски.
Како се прашани оние кои денеска се млади
Јана Белчева, чија иницијатива има тројца советници во Општина Центар токму поради незадоволството на граѓаните од неконтролираната градба, се согласува дека граѓаните се консултираат кога се носи Детален урбанистички план.
Но, додава, таа можност не може да го замени членот 62-а.

Дебар маало се гради по план од 2012-та година. Денешните млади луѓе кои имаат 27-28 години, тогаш имале колку години? Тоа е пред 13 години. Имале 14-15 години. Сигурно не оделе на јавна анкета на урбанистички план кој и онака е неразбирлив и е тежок за граѓаните да видат што навистина ќе им се случи. Обично гледаат што на нивната парцела се случува. Не можат да реагираат на јавните објекти, не можат да реагираат на јавниот простор. А замислете сега да им кажете – дека не можат да реагираат. Па ние работиме на тоа да им кажеме на младите луѓе дека овој систем работи за нив.
вели Белчева.
А голем дел од плановите кои се на сила, барем кога е во прашање Општина Центар, потсетува Белчева, не се по стандардите.
Стручна комисија на урбанисти докажа зошто урбанистичките планови, кои за жал се во сила, треба да бидат суспенидрани. Еден од основните во суспензивните елаборати беше точно изоставување на соседското право, односно планирање без да се третира како тој план, кога ќе се реализира, ќе влијае врз квалитетот на живот на непосредното соседство.
Ефектите од бришењето на членот 62-а ќе се видат онаму каде и најмногу се гради. Не утре, туку веќе од вчера. Како е тоа можно?

Одговорот е и крајот на овој прилог и крајот на усвоените предлог-измените на Законот за градење во кои практично се предвидува ретроактивно важење на конкретната измена:
„Започнатите постапки согласно со членот 62-а од Законот за градење… до влегувањето во сила на овој закон, ќе продолжат согласно со одредбите од овој закон“.
пишува во измените на Законот за градење усвоени минатата недела.