Пред две недели јавното обвинителство отвори предмет по сториите на „360 степени“ за спорните легализации на станбени згради во општината Чаир. Шемата што ја откривме кај најмалку 20 објекти е иста. Објектите не постоеле во март 2011 година, што е прв услов за да може да се легализираат. Изградени се како дивоградби во последниве години. Сепак, барањата за нивна легализација се архивирани со датум не постар од 31 декември 2018 година, иако многу од подоцна легализираните згради, во тој момент, не биле доизградени или, пак, воопшто и не биле почнати да се градат. Општината Чаир одговорноста досега ја префрлаше кај барателите на легализација – дека доставиле изјави во кои тврдат дека објектите им се изградени пред март 2011 година
Во меѓувреме, Државниот инспекторат за градежништво направил инспекција во Чаир и предложил да ги преземе овластувањата на градежен инспектор во Општината. На потег е Министерството за транспорт
Овој урбан кањон се наоѓа во центарот на Скопје, непосредно до Старата скопска чаршија, а на територија на Општина Чаир. Не треба познавања од градежништвото и урбанизмот за да се заклучи дека тука нешто не е во ред.
Двете големи станбени згради на снимкава имаат прозорци и балкони една кон друга, а се толку близу. Понатаму, објектите се изградени така што целосно опколуваат постоечка семејна куќа во подножјето, која сега е осудена на вечен мрак. Ако се прашувате кој урбанист дозволил вакво нешто, одговорот е никој, бидејќи е градено делумно или целосно без дозвола.
Според документите кои се јавно достапни на Катастарот, на едната локација, односно пониската од двете згради, впишани се само два стана и неколку мансарди. Едниот стан е на првиот, другиот е на шестиот кат. Дел од тоа што е впишано во Катастарот е легализирано со Решение на Општина Чаир од 16 јануари 2023 година.
На местото на втората зграда, пак, во Катастар се впишани 59 засебни единици и тоа само од петти кат нагоре. Според еден имотен листен, на кој се запишани повеќе станови, недвижностите биле легализирани со решение на општината од 2 мај 2023 година.
Иако е симптоматично што се легализирани само делови од објектите, овие случаи се само уште еден пример за тоа дека во Општина Чаир не само што непречено се градат големи објекти на диво, туку и дека потоа недозволено се легализираат. Еве зошто.
Според сателитските снимки објавени на Гугл, во јануари 2011 најголем објект на просторот е хотелот Арка. Во непосредна близина се пониски куќи. Така е се до август 2016 година кога почнува рушење на неколку куќи, а на нивно место почнуваат да се градат големи објекти. Зградите се речиси готови до крајот на 2019 година, со исклучок на кровот кој е поставен во 2020 година.
Или, објектите кои станале градежна и функционална целина во 2019 година, се легализирани, засега делумно, како да биле готови на 3 март 2011 година.
„360 степени“ најде над 20 вакви легализации на големи објекти досега. Пред обвинителството да отвори предмет, ставот на Општината Чаир беше дека барателите на легализација се тие што поднесуваат изјава дадена на нотар во која кажуваат – кога бил изграден објектот кој бараат да се легализира.
На 28 ноември, градоначалникот во Чаир, Висар Ганиу, беше во Тетово. Заедно со неговиот сопартиец и лидер, Изет Меџити, учествуваа на формалната промоција на т.н. Европски сојуз за промени – платформа на неколку опозициски партии на Албанците.
360: Јавното обвинителство отвори предмет за случаите со легализациите. Кој е вашиот коментар?
„Они нека ја вршат својата работа. Ние, се што ќе побараат, тука сме. Ако има неправилности, ќе одговараме“.
360: Како медиум објавивме дека дел од зградите реално не постеле пред 2011 година. Дали вие како општина ќе постапите некако?
„За тие има изјава од сопствениците што аплицирале“.
360: Така, но бидејќи сега знаеме дека изјавите се лажни, дали вие ќе постапите на некаков начин?
„Па јас не сум обвинителство да настапувам“.
360: Не. Кон барателите за легализација дали ќе постапите?
„Нека судот одлучува. Врз база на тоа што ќе одлучува, ќе одлучуваме и ние“,
одговори Висар Ганиу, градоначалник на Чаир, на прашањата на „360 степени“.
Рано е да се очекуваат детали од постапувањето на обвинителството за легализациите на дивоградби во Општина Чаир. Но, во меѓувреме, се случиле и други настани.
Државниот инспекторат за градежништво, кој патем е воден од кадар ДУИ, доскорешната матична партија на Висар Ганиу и Иџет Меџити, направил вонреден инспекциски надзор во Чаир. Констатирале дека:
„Градоначалникот на Општина Чаир нема назначено стручен административен службеник на работно место Овластен градежен инспектор и не склучил договор за меѓуопштинска соработка со некоја општина за вршење на инспекциски надзор од областа на градежната инспекција“,
одговорија од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.
Ова значи дека Општина Чаир ниту назначила ниту позајмила лице кое на терен може не само да детектира, туку и да носи решенија за запирање или рушење дивоградби. Поради тоа, државниот инспекторат до Министертвото за транспорт и врски доставил предлог за добивање на овластување за вршење на работите од надлежност на овластен градежен инспектор во Општина Чаир.
Од транспорт потврдија дека го примиле предлогот, но велат – засега не донеле одлука.
„Министерството, согласно Законот за градење, веќе го разгледува ова барање и е во меѓуресорска координација со Инспекцискиот совет. Штом ги прецизираме насоките кон ДИГУ, ќе информираме навремено“,
одговорија од Министерството за транспорт и врски.
Ваквиот, навидум недоволно јасен став, не е без основа. Според упатени извори, проблемот лежи во Законот за градење. Согласно член 144, во вакви случаи, инспекторатот мора да бара овластување од министерот за ја преземе општинската инспекција.
Но, законот е пишуван и донесен во време кога Државниот инспекторат за градежништво беше орган во состав на Министерството во транспорт. Сега, тоа е сменето – ДИГУ е независен орган, па министерот не би требало да учествува во одлуките на инспекторатот.
По кој закон ќе реши да постапи министерот Благој Бочварски? Дали инспекторатот воден од кадар на ДУИ ќе ја преземе градежната инспекција во општината предводена од ривалското Демократско движење? Дали некој ќе одговара што целосно е изигран Законот за постапување со бесправно изградени објекти?
Повеќе или помалку, сите овие прашања се важни. Не затоа што некои се снашле како да ги огрее сонцето, туку затоа што го направиле тоа на сметка на многу други кои завршиле во темнина.