Првиот човек на ресорот здравство Азир Алиу, сепак, се воздржа директно да ги соопшти и првичните наоди од осумте случаи кои ги разгледува интерната комисија во Министерството за здравство. Комисијата почна со работа по обвинувањата на проф. д-р Сашко Кедев – дека во дел од приватните болници се правеле и отворени операции на срце без медицински основани причини
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, тврди дека институцијата редовно врши слепи контроли на досиеја на пациенти за кои Фондот плаќа операции, вклучително и во приватните болници. Предлага тоа да го прави и комисијата. Но, додава дека добива повеќе поплаки од пациенти не за извршените услуги туку за тоа како и каде биле упатени на кардиохируршка интервенција. Вели, јавна тајна е дека одредени доктори даваат упати строго за одредени болници
Одминуваше вториот час од разговорот во кој зборуваше за планинарските подвизи, кога кардиологот Сашко Кедев доби прашање од домаќинот на интервјуто и за професијата. Одговорот беше директен и експлозивен – дека дел од приватните болници вршат операции на срце без медицинска основа.

„Канал 77“: Ставале стентови, а немало потреба?
Сашко Кедев: „Оперирале без потреба. Сечеле граден кош без потреба, имаме докази за тоа. Тоа е фасцинантно нешто, за коешто треба релевантните институции да преземат нешто. Тука мислам пред сè на Министерството за здравство и Фондот.
Министерот за здравство Азир Алиу веднаш го повика Кедев на состанок. Приватната болница „Систина“ најави тужба. Се формира и експертска комисија.
Доставени се медицински досиеја за осум случаи. Комисијата ќе ги обработи сите детално со цел да се утврди вистината врз основа на медицинските факти.
изјави министерот за здравство Азир Алиу, на 4 септември 2025 година.
Да не се повтори
Комисијата од 15 луѓе работи речиси две недели. За тоа време, вели за „360 степени“ министерот Азир Алиу, успеале да поминат дел од случаите.

Веќе имаме наоди од неколку предмети. Очекуваме дека кога ќе завршат сите предмети, ќе излеземе со извештај, којшто ветивме дека од првиот ден ќе биде транспарентен и ќе биде објавен на веб-страна на нашето министерство.
„360 степени“: Не можам, а да не прашам – во која насока одат тие наоди?
Да дадеме време уште малце да заврши комисијата. Ценам дека од осум предмети негде до средина се прегледани. Мислам дека уште еден состанок-два, и ќе имаме првични резултати.
Освен интерната комисија, ад-хок проверки на досиеја на пациенти ќе врши и Лекарската комора. А, врз основа на извештаите од интерната комисија и проверките на Лекарската комора, препораки ќе даде комисија од странски експерти. Објаснувајќи го процесот, министерот индиректно потврди дека во случајот освен чад, веројатно има и оган.
Значи, нема да имаме притисок ни за време, ни за начинот и методологијата, целта не е таа. Целта е да имаме јасна слика како може понатаму да не се повтори, ако има таков тип на, ајде да кажеме, злоупотреби, и како може системот да се стабилизира.
„360 степени“: Штом велите да не се повтори, значи дека веќе имате најдено дека нешто се случило?
Да го почекаме извештајот. Мислам дека за кратко време ќе имаме извештај.
Интерната комисија и Лекарската комора, во суштина, бараат одговори на прашањето дали е направена штета по здравјето на граѓаните. Но, отворена е и дилемата – дали е направена штета и на буџетот на Фондот за здравствено осигурување. Еве зошто.

Здравствени услуги од областа на кардиоваскуларната хирургија, во кои, патем, не спаѓа и стентирањето, осигурениците на ФЗО можат да добијат во четири установи. Две се државни, Универзитетската клиника за државна кардиохирургија и Универзитетската клиника за торакална и васкуларна хирургија. Другите две се приватни – Клиничката болница „Жан Митрев“ и Клиничката болница „Аџибадем Систина“.
Повеќе операции, повеќе пари
Според годишните извештаи на Фондот за здравствено осигурување, бројот на интервенции кои ги покрива државата бележи раст низ годините, од 2 429 во 2015 година, на 3 558 минатата 2024 година. Мора да се одбележи и дека растот не е линеарен.

Со бројот на интервенции, низ годините се зголемуваат и трошоците, од 13 милиони евра во 2015 г. на 20,5 милиони во 2024-тата. И тука, растот не е линеарен.

Директорот на Фондот, Сашо Клековски, вели дека растот на бројот на интервенции и на трошоците има логично објаснување. Се зголемува бројот на болни и се воведуваат нови методи.

За да тврдиме дека зголемувањето е засновано на лажно оперирање треба сериозно да ги поткрепиме сите тие работи и стручната комисија работи на тоа. Јас инсистирав да покрај пријавените претставки се направат слепи проверки за стручноста бидејќи она што Фондот го контролира е документирање на постапката. Ние имаме медицинска контрола составени од општи лекари кои ги контролираат сите извршени интервенции, секоја година. Значи, правиме слепи контроли и во „Жан Митрев“ и во „Систина“ и во сите поголеми здравствени установи каде што утврдуваме дали се што е наведено во досието е поткрепено со рендген, со ехо, со наод, со сета пропратна документација. Така да сите случаи се одлично документирани и не би претставувало проблем на комисијата да утврди дали се операциите оправдано изведени.
изјави за „360 степени“ директорот на ФЗОРСМ, Сашо Клековски.
Шема со упати
Ако се издвојат само податоците за приватните даватели на услуги, може да се пресмета и просечната цена по интервенција низ годините.
Забележливо е дека во последните 10 години, просечната цена на услуга кај „Жан Митрев“ се зголемила помалку отколку просечната цена кај „Систина“.

Го прашавме директорот на Фондот зошто се јавуваат такви разлики, ако се знае дека цената што Фондот ја плаќа за одредена операција е иста, независно во која болница се прави и независно дали е во јавно или приватно здравство.

Станува збор за промена на комплексноста на зафатите што се прават. Во цената за еден пациент влегуваат интервенциите направени од првиот до денот на отпуст. Значи не влегуваат претходни дијагностики и слично, туку само од денот на прием во болницата. Ние тоа го контролираме. Една од причините може да биде зголемување на комплексноста на зафатите, „Систина“ воведе многу подоцна ХХ, ХХ и ХХ во своето портфолио и пред сè не е зголемување на цената, туку зголемување на комплексноста на зафатите и тоа може да зависи од случај до случај.
„360 степени“: Дали двете болници нудат еднакво комплексни зафати?
Во моментот сите, зборувам за скопските болници, нудат исто комплексни зафати.
„360 степени“: Дали имате објаснување зошто тогаш се прават повеќе комплексни зафати во една болница, а помалку во друга?
Зависи од… значи, пациентите на крај одлучуваат во која болница ќе одат бидејќи имаме право на избор на лекар во нашето здравство.
На директното прашање – дали е можно Фондот да трпи загуби поради потенцијални злоупотреби при кардиохируршките интервенции, Клековски вели:
Во основа, не исклучувам дека можно е да има злоупотреби, иако, во основа, онаа поплака што ја имаме редовно е во системот на упатување. Значи, не дали е оправдана или не е оправдана интервенцијата, туку кој кого каде упатува. И не е тајна дека одредени кардиолози упатуваат пациенти во одредени болници.
„360 степени“: Против тоа можете да се борите некако?
Со патокази. Меѓутоа имаме многу расправа со стручната фела дали правото на избор на лекар е над протоколите за упатување на пациентите.
Приватните болници „на лента“, државните без луѓе и опрема
Од анализата што „360 степени“ ја направи користејќи ги годишните извештаи на Фондот, може да се забележат и други трендови што придонесуваат во дебатата за влијанието на бизнисот во кардиохируршките интервенции.

На пример, лани, Државна кардиохирургија имала приходи од околу 2,7 милиони евра од Фондот за извршени кардиоваскуларно-хируршки здравствени услуги, а Клиниката за торакална и васкуларна хирургија 1,2 милиони. Во истиот временски период „Жан Митрев“ инкасирала 8,3 милиони, а „Аџибадем Систина“ маргинално повеќе 8,4 милиони.
Индикативен е податокот дека Државна кардиохирургија реализирала само 44,7% од парите кои Фондот ги предвидел за операции во установата, а кај Торакална тој процент е едвај 23,5. Тоа значи дека државните клиники не прават ниту одблизу толку операции за колку што им се одвојуваат пари. За споредба, „Жан Митрев“ реализирала 99,4 отсто, а Систина 100 отсто од средствата што ги одвоил Фондот.

За жал, во моментов, тоа е точно, овие две институции, Кардиологија и Кардиохирургија, имаат недостаток и на кадар, но исто така, морам да кажам, и на соодветна инфраструктура за да можат да сервисираат поголем број на пациенти. И работиме, исто така, со двете институции за да може, и за кратко ќе излеземе со резултат, да се оптимизира бројот на капацитетот на човечките ресурси, но исто така и инфраструктурно да се оптимизира.
изјави Алиу за „360 степени“.
„360 степени“ се обрати и до приватните Клинички болници. Од „Жан Митрев“ побаравме коментар за ставовите на д-р Кедев, но и за бројот на интервенции кои ги прави болницата и просечните цени кај нив и кај конкуренцијата.
Во „Аџибадем Систина“ прашавме и дали ја поднеле најавената тужба до д-р Кедев. Иако станува збор за прашања поврзани со трошењето јавни, пари на граѓаните, не добивме одговор ниту на тие, ниту на прашањето – дали сметаат дека има слабости во системот за кардиохируршки интервенции кои се под капа на фондот и како би можеле да се надминат.
Во меѓувреме, министерот очекува нови пријави.
Во моментов имаме само од една установа. Јас очекувам дека ќе има повеќе предмети доставени…. очекуваме дека ќе има повеќе од осум такви предмети.
„360 степени“: Сигурен сум дека не би го кажале тоа ако не знаете или немате најава дека ќе стигнат?
Па, имаме индиции.
„360 степени“: Може малку подетално да ни кажете какви индиции, од кого ги очекувате?
Знаете, многу сме претпазливи во овој процес.
Ако има сомнежи за злоупотреби, пријавувајте – апелира и директорот на Фондот, Сашо Клековски. Не преку Фејсбук, туку писмено и со докази. Само така институциите може да постапуваат и да ја расчистат дилемата – има ли операции на срце само заради профит.