Во извештајот на Европската комисија се нотира дека структурите кои управуваат со фондовите на ЕУ во земјава лани работеле со 79% од оптималниот број вработени и со испразнети клучни менаџерски позиции, што е ризик да не се искористат целосно европските пари од ИПА-фондовите
На повидок, барем според официјалните власти, е закон со кој административците кои работат на ИПА би требало да добијат зголемување од 30 отсто за да се сопре одливот на кадар од државниот во приватниот сектор
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, при неодамнешната посета на регионот, најави нова финансиска поддршка за земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и земјава.

„Предложивме пакет од шест милијарди евра за нашите партнери од Западен Балкан и тука се работи за реформи и за инвестиции“,
рече фон дер Лајен.
Но, не само овие, туку и парите од ИПА, ЕУ не ги дава во куфери, туку за проекти и програми. А за да се прават проекти и програми потребна е специјално обучена администрација. Земјава произведува такви луѓе, но ги плаќа како сите други службеници.
„Поради тие плати луѓето од ИПА-структурата ги напуштаа работните места и заминаа во приватен сектор“,
кажа Адем Цури.

И во моментов, земјава има на располање десетици, па и стотици милиони евра европски пари. А ќе има и многу повеќе. Но, дали има кадар да ги апсорбира?
Уште со добивањето на кандидатски статус во 2005 година, Македонија, заедно со Хрватска и Турција, доби пристап до европскиот Инструмент за претпристапна помош или скратено ИПА. И покрај блокадите и застоите во процесот во изминативе деценија и пол, финансиската поддршка од ЕУ не запре. Напротив, се надгради и со нови и поголеми фондови. Но, за да се работи со европски пари потребно е големо познавање на материјата. Брисел дава пари за конкретни проекти, а има и јасни правила и процедури – како се аплицира, кога и како се потпишува договор, кога се даваат парите и најважно – кога и како се проверува дали парите се потрошени согласно одобрениот проект.

Парите се трошат преку различни институции кои претходно минале низ процес на акредитација. Прва линија на надзор во земјава им е телото за ревизија на ИПА. Главниот ревизор, Адем Цури, вели дека фалат луѓе во структурата без кои европските пари остануваат во Брисел.
„Нормално, луѓето кои и носат пари на државата, треба да се ценат, а и преоптоварени се со работа. Сега овие ворклоуд анализи што ги споменав, целата ИПА-структура ги врши и согласно овој ворклоуд ние гледаме дека има потреба од повеќе кадар, а тоа веќе се одразува врз процентот на апсорпција на фондовите кои ги вршат соодветните институции“,
изјави Адем Цури.

Преведено, земјава пропушта да ги потроши сите европските пари кои и се на располагање бидејќи нема доволно соодветен кадар. Не дека досега не се обучени доволно луѓе, туку многумина си заминуваат бидејќи нивните плати се исти како и во другиот дел од администрација. Адем Цури вели дека и покрај сите проблеми со кои се соочуваат, годинава по нивно инсистирање за одредни покачувања на платите на овие административци, државата направила позитивен исчекор кон решавање на овој проблем.
„За целата ИПА структура оваа политика за задржување на кадар некаде би коштала милион евра годишно. А истата таа структура и носи на државата 100 милиони годишно. Со нагласувањето дека фали политика на мотивација на задржување на кадар, првично ја постигнавме целта со Закон за извршување на буџет од каде со 15% тоа малку го забави тој бран бегање на луѓето“,
рече Цури.
Но, тоа зголемување е привремено. За да биде трајно, треба да се направат измени во законите за администрацијата кои се во изработка веќе со години.
„Добро е да се почне, а кога ќе се заврши не се знае и ви пренесувам искуство од европска земја членка каде што да кажеме вработениот кој работи просечна државна административна работа зима дупло помалку од оној кој работи со ИПА-фондови. А структурата на ИПА-фондови е таа што носи пари во државата“,
вели Цури.
Проблемот не е перцепција само на Адем Цури. Во последниот извештај на Европската комисија за земјава, меѓу другото, се потенцира:
„Генерално, структурите кои управуваат со фондовите на ЕУ лани работеа со 79% од оптималниот број вработени и со испразнети клучни менаџерски позиции“,
стои во извештајот на Европската комисија.

Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој е институцијата задолжена за спроведување на ИПАРД-програмата, односно за менаџирање на европските пари за земјоделство и рурален развој. Тоа е една од институциите со подобра екипираност од просекот во земјава. Во ИПАРД 2 фазата, на располагање им беа ставени 60 милиони евра европски пари. Тие успеаја да склучат договори за проекти со домашни земјоделци и фирми во висина од 95% од парите кои Брисел ги стави на располагање за таа намена.

Независно од тоа, директорот Никица Бачовски порачува дека инвестицијата во кадар е од огромна важност, бидејќи само така може да се искористат сите расположливи средства.
„Она што е навистина важно во вакви институции, особено каде што имаме кадар кои имаат долгогодишно искуство, 10 или 15 години, е задржување на веќе постоечкиот кадар кое во последно време станува ужасно тешко со оглед дека реалниот сектор станува се поатрактивен со примањата кои луѓето би можеле да ги добијат таму и токму во тој правец е иницијативите кои се прават“,
кажа Бачовски.

На пример, им требаат архитекти, градежни и машински инженери кои на терен прават проверки – дали проектите се спроведуваат на начинот на кој е придвидено во договорот.
„Вработените во оваа институција се квалификувани како вработени по законот за административни службеници каде платите кои ги земаат овде се исти како во други институции кои можеби ја немаат таа специфичност на работата и го немаат овој обем на работа и на крајот на денот немаат работа со имплементирање на европски фондови“,
изјави Бачовски.
Ако парите за земјоделство се пример за добро искористување на европските пари, лоши примери се трошењата на европските пари за животна средина, транспорт, правда и за внатрешни работи. За толку потребната екологија, потрошени се само 14 отсто од расположивите средства. Министерката Шукова не крие каде лежи главниот проблем.
„Се соочуваме со слаби човечки капацитети, тоа е секако еден од фактите за кои мораме отворено да зборуваме и на централно, но и на локално ниво бидејќи кога ќе ги спроведете постапките и кога ќе склучите договор со изведувачи, најголемата работа се спроведува на локално ниво. Мора да се работи на зајакнување на капацитетите“,
изјави министерката Каја Шукова.

Шукова вели дека и покрај ограничените буџети, работат на зајакнување на овој сектор. Секоја година во плановите за вработување се предвидуваат нови работни места, а тие лица би заработувале 15 отсто повеќе со додатоци предвидени за ИПА-структурите.
„Зголемувањето на платите во секој момент ќе биде добредојдено. Проблемот е колку централниот буџет може да го издржи зголемувањето на платите бидејќи тоа влијае на дефицитот на државата. Ние ако зборуваме популистички можеме да ги зголемиме и за 30, 40, 50 отсто на администрацијата, но тоа влијае бидејќи имаме поголема администрација и делува на дефицитот и затоа мора да се балансира“,
вели Шукова.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, смета дека покрај покачување на платите, решение за ниската искористеност на европските пари може да биде и формирање на агенции во министерствата по пример на Агенцијата за поддршка во земјоделството, кои како посебен ентитет од министерството работат исклучиво со ИПА-фондови.
„Моделот што го имаме ние со ИПАРД агенцијата или Еразмус агенцијата по мене се успешни модели и можеби треба да се размисли за правење една ИПА агенција или мини тимови во сите министерства кои веќе ги имаме, но би добиле поинаков статус кои можеби би биле вработени во една централна ИПА агенција, а ќе работат секојдневно во институциите каде што се водат проектите“,
кажа Маричиќ.

Кога станува збор за законот со кој би се зголемиле платите на овие административци, Маричиќ вели дека е во владина процедура и дека носи свои предизвици, бидејки е тешко да се нивелираат потребите на сите служби, но уверува дека зголемување на платите ќе има.
„Клучните насоки кои ние сме ги увиделе и предвиделе како Влада се најпрво пополнуавње на испразнетите места кои се околу 20% во ИПА структурата, второ унапредување на оние кои се пет години најмалку во структурите и трета е задржување на обуките за овие кадри и тука дома во Македонија и во странство“,
изјави вицепремиерот Маричиќ.
Европската комисија е јасна во својот извештај, која е домашната задача на Македонија во врска со ИПА-кадарот:
„Земјата треба да го унапреди својот институционален, административен и технички капацитет за да управува со фондовите на ЕУ преку усвојување генерална политика за задржување на кадарот, зајакнување на капацитетите, подобрувања во спроведувањето на ревизорските и ЕУ препораките…“
стои во извештајот.

Ако е за некаква утеха, тешкотии да се задржи ИПА-кадарот имаат сите земји кандидатки за членство. Затоа, во следната, ИПАРД 3 програма, ЕУ реши дел од парите од европските фондови да можат да се употребат и за зголемување на платите за административците кои работат во ИПА-структурата. Но, и тоа е џабе, бидејќи ако не се сменат законите за администрација, ИПА-службениците едноставно не може, законски, да земаат поголема плата од нивните колеги. Значи, ако набрзо не се сменат законите, земјава ризикува да не ги потроши европските пари и за плати и за проекти кои, како што кажа и Фон дер Лајен во Скопје, ќе ги има се повеќе.
