Ги купивме истите (основни) продукти на 28 февруари (последниот ден со замрзнати цени) и во неколку наврати од 1 март наваму (откако влезе во сила одлуката за замрзнати маржи) за да видиме дали има разлики во цените и какви
Проценката на компаните е дека највисоката маржа во трговијата на мало не треба да биде пониска од 20 проценти, додека маржата во трговијата на големо треба да се постави на 10 проценти, велат од Стопанската комора
28 февруари 2022 е последниот ден кога беше на сила владината одлука за замрзнување на цените на основните производи. Најавите дека од следниот ден, 1 март, веќе нема да важат старите цени, вознемирија дел од граѓаните.
„Еве, слушнавме дека лебот од утре ќе биде поскапен. А штом лебот поскапува, да знаете дека сите производи ќе повлечат и ќе се зголеми цената“,
коментираат пензионер од Скопје.
Слично размислуваа многу граѓани кои поитаа да направат залихи од храна по стара цена. Но, не сите имаат и залихи на пари.

„Страв лозје чува, старите така рекле. Ама ние претеруваме. Што ќе прават со тие лебови? Некни имаше еден две ќеси полни со леб. Што ќе прави со тој леб?“
„Па, што има има, што нема нема. Купуваме месечно, иначе за повеќе месеци слабо. Но, таа е можноста, друга нема“.
„Се одмрзнале, се замрзнале, рафтовите се празни. Зeмаат луѓето што имаат длабок џеб. Јас со 9 200 ден не можам да преживеам, не да правам залихи.“
коментираат дел од граѓаните.
И „360 степени“ беше во шопинг и тоа во три наврати – и пред да заврши одлуката на владата за замрзнување на цените и потоа, кога се одмрзнаа цените, а владата ги замрзна маржите на одредени производи.

Купувавме производи кои се опфатени со мерките и тоа во различни продавници.
На 28 февруари, последниот ден со замрзнати цени, во првата продавница немаше гужва. Но, не било така и претходните денови.
-Да, се прават залихи. Рафтовите ни беа празни вчера. Ама мислам дека нема потреба од тоа.
вели една од вработените во маркетот.
-Што викате, ќе рипнат од утре цените?
-Не, кај сувомеснатите не, бидејќи маржата им е ограничена од 5 до 10 осто…
Во друг маркет, купивме други артикли од листата на основни производи.

И тука, непосредно пред одрмзнување на цените, имало бран купувачи.
-Денес гужви насегде, пред одмрзнување на цените а?
вели вработена во маркетот.
-Да. Досега бевме во гужви.
-Купуваат луѓето вака, залихи си прават?
-Па, брашно купуваат, зејтин.
-Ќе поскапи многу?
– Не знам.
– Немате некои најави вака?
– Не.
Следниот ден, 1 март, повторно се вративме во истите продавници. Мерката за замрзнати цени веќе не беше на сила. Наместо тоа почна да важи ограничувањето за трговските маржи – до 5 отсто на продажната цена за трговија на големо, а до 10 проценти за трговија на мало.
Од седум продукти што претходно ги купивме по замрзнати цени во првиот маркет, четири беа поскапени.

Лебот што го купивме за 33 денари, сега беше 37. Млекото беше поскапено за пет денари, лимоните за два денара, а најголем скок на цената имаше кај маслото, кое беше поскапено за 10 денари.
Со непроменета цена беа брашното и бананите, а единствено со намалена цена беше шунката која се продаваше за 16 денари поевтино.
Слични беа разликите во цените и во другиот маркет. Таму, од четири производи што ги купивме претходно, по одмрзнување на цените поскапени беа два продукти.
Лебот од 32 денари беше покачен на 36, а поскапено беше и сирењето, кое се продаваше за седум денари повеќе од претходно. Цената на шеќерот беше иста, а намалување повторно имаше само кај шунката, која се продаваше за четири денари поевтино.
Забележавме и дека промените на цените се разликуваат во зависност од маркетот, но и производителот.
–Покачени се цените. Како за пензионер што зема 10 000 е многу малку. Само за лекови не ни стасуваат.
–Нормално, со 10 000, 12 000 инвалидска пензија, кој не се плаши? Лебот не изгоре, за нас сиромасите лебот е основна храна.
велат граѓаните.
На крајот од неделата повторно посетивме неколку маркети. Наидовме на сосема нова слика.

– Зошто е се вака празно?
вели вработената.
– Штрајкуваа добавувачите заради мерката на владата што беше донесена. И сега имаме некои состаноци, не знам што, еве полека почнаа oд денеска ни донеса нешто роба. Од утре се надевам дека ќе има уште повеќе.
На рафтовите за зеленчук и овошје беа останати стари залихи. Празни беа и рафтовите за свежо месо.
-Зошто се е празно?
вели вработена во маркетот.
-После ќе дојде рано е, ќе има накај 12.
-Ќе има? На повеќе места бев вака, иста слика.
-Да, ама кај нас од добавувачите немаа. Сабајле дојде (месото), сега да го преработат, да го исчистат и ќе го пуштиме.
-Да не е некој штрајк?
-Не, не, со тоа маржите, тие што работат на големо не ни пуштаа.
Дека некои од трговците почнаа да откажуваат дел од производите, потврдуваат и од Стопанската комора од каде алармираат дека доколку владината мерка за ограничување на маржите не се промени, допрва ќе се соочиме со криза.
Според членките на Здруженијата за трговија и за земјоделство и прехранбена индустрија, ограничените маржи до 5 и 10% се многу ниски и не ги покриваат основните трошоци. Па, штом немаат „есап“ да ги продаваат по пониски цени, дел од трговците се откажуваат од нивно производство и дистрибуција.
„Треба да се седне на маса и да се направи анализа. Проценката на компаните е дека највисоката маржа во трговијата на мало не треба да биде пониска и треба да се движи околу 20 проценти, додека маржата во трговијата на големо треба да се постави на 10 проценти“,
вели Билјана Пеева–Ѓуриќ.
Но, освен висината на маржата, проблем според бизнис-секторот, е и листата на производи за кои важат овие ограничувања. Стопанската комора бара да се ревидира оваа листа и ограничувањето на маржите да не важи за цели групи на производи, туку за одредени артикли.

„Ако интенцијата на носењето на мерката е да се ограничи маржата на основни прехранбени производи, како што беше претходната мерка со која се замрзнаа цените на основните производи, дали сега во оваа смисла има некаква логика во оваа група на овошје и зеленчук да бидат внесени на пример, авокадо, манго, артичока или ананас – тип на производи коишто не се за секојдневна употреба и не се наменети за оние за кои што во суштина самата мерка се носи“,
Билјана Пеева–Ѓуриќ.
Дополнителни забуни, според трговците, создава и различното толкување на владината уредба и контролата на терен од страна на инспекторите – за тоа што е набавна, а што продажна цена и што се влегува во ставка – трошоци во производствениот процес. Очекуваат слух од надлежните со цел да се најде избалансирано решение, за да не дојде до дополнителни пореметувања на пазарот и ценовни шокови.
На граѓаните, пак, во меѓувреме, им остануваат оптимизмот и скромноста, па главната утеха им е дека од лошо може да биде и полошо.
„Кога гледаш како бегаат луѓето и како вијат сирените, си велиш дај, еднаш ќе јадам на ден, барем мирно да биде“,
вели пензионерка од Скопје.