Повеќе од 15 минути им сe потребни на инфектолозите и медицинските сестри само за да го облечат заштитниот комбинезон за третман на пациенти со коронавирус.
Еден доктор и две сестри на смена се грижат за заразените со ковид-19 во болницата во Битола, која стана центар за болните од регионот.

„Сметам дека засега можеме да одговориме на овој голем предизвик за нас“,
вели инфектологот д-р Џулијана Ристевска.
Градена во 1972 година, битолската болница е направена така што нејзиното инфективно одделение е физички издвоено од главната болничка зграда. Во изолираниот дел сега ќе се сместуваат пациенти со коронавирус од целиот регион на Битола, и тоа со тешка клиничка слика.

Првиот повик дека доаѓа лице со сомнителни симптоми го добиле на 2 април. На медицинскиот персонал му било најавено дека пристигнува маж од Домот за стари лица, со висока температура и отежнато дишење.
Директорката на битолската болница, д-р Билјана Гагачовска вели дека и пред првиот позитивен тест биле на готовс.

„Сега од овој аспект сме целосно спремни и подготвени. Не е ова нешто ново кое се случи преку ноќ“,
вели Гагачовска.
Откако нѐ облекоа во заштитни костуми, прво тргнавме по патот кој го минува секое лице што доаѓа за здравствен проблем неповрзан со ковид-19.
На влезот во Ургентниот центар секому му се мери телесната температура, а потоа му се прави и епидемиолошка анкета. Само ако нема симптоми на коронавирусот, му се дозволува да го продолжи патот.
Доколку пак има симптоми на ковид-19, лицето не смее да се упати на ниту едно друго одделение освен на инфективното.
„По новите упатства, сега веќе секој пациент го третираме како суспектен на ковид-19. Меѓутоа, се обидуваме ризикот да го сведеме на минимум со тоа што апсолутно се одделени пациентите. По првиот знак на фебрилност се одделени, гледаме да бидат заштитени. И персоналот е заштитен по протокол и пациентите да носат маска и ракавици коишто влегуваат во болницата. Така што, ризикот е сведен на минимум“,
вели Гагачовска.
Од безбедносни причини, движењето во другите одделенија во болницата е ограничено.
Патот за пациентите кај кои веќе има сомнеж или потврдено присуство на ковид-19 е одвоен од рутата за другите пациенти. Тие лица се носат директно во посебната зграда за заразни болести, која е на стотина метри од главниот објект.

Персоналот во инфективното одделение не смее да има контакт со другите колеги. И сомнителните и потврдените случаи на коронавирус ги чекаат во заштитни скафандери, а патот по кој се движат мора да се дезинфицира. Персоналот во инфективното одделение не смее да има контакт со другите колеги од болницата.
„Ние сме 5 доктори инфектолози, во моментот во овие 14 дена функционираат три екипи, по еден доктор и две сестри. Сега знаете, на почеток сме, не можеме да кажеме дека сега сме со некоја бројка која нè загрижува за капацитетот. Се разбира, засега сметаме дека сме доволно екипирани, на еден добар начин организирани“,
вели Ристевска.

Првиот кат во инфективното одделение е наречен „чиста зона“. Сега таму нема пациенти, но ако има наплив на заболени, веќе има план како да се пренамени за третман на лица со ковид-19. Со сегашната организација, во битолската болница има 35 легла за заболени од вирусот. Ако има потреба, со пренамена на првиот кат, капацитетот би се зголемил на околу 100 легла.
Зоната за ковид-19 е на вториот кат, но и таму има два одвоени дела. Едниот е за позитивните пациенти. Другиот е за сомнителните случаи кои чекаат резултати, а имаат потреба и од лекарска грижа. Правила има и за влез и за излез од оваа зона.

Ова е последната т.н. чиста соба во инфективното одделение во битолската болница. Зад мене, во ова одделение, се сместени пациентите коишто се заболени со ковид-19. Таму е строго забранет влезот, влегуваат само стручни лица и по строги протоколи.
Во моментов тука лежат 5 пациенти со ковид-19, од кои еден е на кислородна поддршка, а уште еден сомнителен случај чека резултати.
„Најчесто се работи за билатерално воспаление на белите дробови, кое е специфично и по рендгенографијата. Сè уште не сме биле во можност, а не сме имале потреба да направиме компјутеризирана томографија бидејќи рендгенските снимки јасно укажуваат на тој воспалителен процес. На тој начин одредуваме колку од белодробното крило е зафатено од воспалителниот процес и правиме проценка за ординирање на терапија“,
објаснува Ристевска.

Работата со специјална заштита, за докторите е исклучително тешка. Дополнителен притисок е и сознанието дека немаат право на грешка.
„Секако дека тој страв не можеме да го игнорираме. Тој е присутен затоа што колку и индивидуално секој за себе да се грижи не може да гарантира дека и оној другиот можеби од некоја небрежност, брзина и некој таков пропуст ќе се одрази на секој од нас. Затоа постојано се советуваме едни со други“,
вели Ристевска.
Во истата зграда, но во друг влез, се наоѓа амбулантата за инфективни болести, која ја посетуваат лица со други заболувања. Директорката вели дека персоналот е поделен за да може да се грижи и за оние што немаат ковид-19. Сепак, сите мора да се заштитени бидејќи токму тука минуваат сомнителните случаи.

„Она што сакам да го нагласам е дека постои апсолутна физичка одделеност на пациентите позитивни и суспектни и нема мешање со пациентите во другата зграда“,
посочува директорката на болницата.
За среќа, во моментов нема потреба тука да лежат пациенти со други заразни болести, што може да стане предизвик ако целиот капацитет на инфективното одделение почне да се користи само за борба со коронавирусот.
„Тоа би го менаџирале во од. Доколку ние како регионален центар има потреба да згрижиме 120 пациенти, болниците кои имаат инфективни одделенија, а не згрижуваат пациенти со ковид-19, ќе ги испратиме пациентите таму. Сè е во тек, не можеме да ги предвидиме работите како ќе се случуваат, но за секој предизвик ние сме спремни“,
вели Гагачовска.
Одлуката на Министерството за здравство – битолската болница да стане регионален центар за лекување на болни од ковид-19 и од градови како Охрид и Струга не беше добро примена од некои жители. Во Битола веќе имаше негативна атмосфера поради државниот карантин во хотел во центарот на градот.

„Најчист град беше од коронавирус, сега ќе биде центар и ќе ги носат сите тука. Нема некои посебни заштити или нешто градот да го заштитат, тој беше единствен најчист и сите се исплашени, граѓаните“,
ни рече еден локален жител.
Сепак, други граѓани сметаат дека е време кога треба да се покаже емпатија.

„Не, во никој случај, секој треба да се излечи и на секој може да му се случи тоа“,
смета друг граѓанин
Клучен фактор за разбивање на стравот и кај граѓаните и кај дел од здравствените работници е заштитната опрема, за која надлежните уверуваат дека засега не е проблем.
„Ние имаме фул опрема за континуирана опрема за три седмици, а од понеделник очекуваме и остварување на јавната набавка која е во тек. Но доколку имаме потреба секако ќе ни испратат,“
вели Гагачовска.
Во случај да порасне бројот на пациенти со коронавирус, во инфективното одделение ќе работат и медицински лица од други оддели во битолската болница. Пациентите, пак, како и секаде, остануваат во болница се додека не добијат два последователни негативни теста на ковид-19.