(Не)преспани ноќи во засолништа, греење и топол оброк во шатори, импровизирани играчници за деца под надзор на војници. Тоа се само фрагменти кои за Киев, а и остатокот на Украина, веќе се нормалност во незаприливиот тек на животот. Некои битки, сепак, се добиени – автомобилите и натаму се движат, луѓето одат и се враќаат од работа, а и метрото е во функција за да ги пренесе сите оние што се движат
Крајот на војната не е блиску, вели за „360 степени“ Михајло Подољак – близок соработник на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Русија нема да се задоволи со територии, вели тој. Ова е војна за уништување и за опстанок
За дел од општеството, борбата се состои во враќањето на украинските деца од Русија – заробени и одземени од окупираните региони. Досега официјално се попишани 10 000, но неофицијалните процени се двојно повисоки
Украина ја живее петтата година од почетокот на целосната руска инвазија. Пред само два дена беше одбележана 4-годишнината од стартот на војната.
Но, конфликтот започна многу порано. Уште во 2014 година, откако Украина, по настаните овде на плоштадот Мајдан во Киев, реши дека сака да биде поблиска до Западот отколку до Истокот, нешто што не наиде на одобрување од соседна Русија.

Тоа што следуваше е познато – анектирањето на Крим, судирите за Донбас во Донецк и Луганск, а кулминира со инвазијата и војна на која сè уште не ѝ се гледа крајот.
(Не)нормалност
По 4 години, животот во Киев како да наликува на оној во другите европски милионски градови. Сообраќајот густ, метрото функционира, продавниците работат. Но, насекаде има потсетници дека е војна – од паркот на загинатите борци, до уништената воена руска техника изложена во центарот на градот.
Сепак, навечер е поинаку, кога ќе се слушнат сирените за воздушен напад.
Процедурата е да се замине во засолниште, а во овој хотел тоа е четири нивоа под земја. Само неколкумина сме таму, дел велат – Киев не е погоден.

Не беше така во јануари и на почетокот на февруари – главниот град на Украина, поточно неговата енергетска инфраструктура, беше сериозно оштетена од постојаните руски напади што предизвика огромни недостатоци на струја и греење. Така беше во Тројешина, густо населена област со високи згради, на левата страна на Днепар.

За да се обезбеди некакво греење и струја за жителите, градските власти, како и во другите делови на Киев, поставија засолниште – неколку големи шатори со генератори.
Требаше некако да се стоплат луѓето и беше донесена одлука за поставување на овие шатори. Како што гледате, во овој дел беа отворени две такви точки. Ова се точки за греење каде што луѓето можат да се стоплат, да ги наполнат уредите, да комуницираат. Исто така, организациите обезбедија храна за луѓето. Во една од нашите образовни установи, во училиште, беше организирана народна кујна каде што дојдоа волонтери кои подготвуваа и делеа околу 20 000 оброци неделно.
360 степени: Колку долго ќе остане поставено ова овде?
Сè уште не знаеме точен датум. Разбираме дека времето станува потопло, температурите се менуваат, постепено се враќа греењето и струјата. Плус-минус, луѓето веќе почнуваат да имаат топлина во своите домови. Затоа, одлуката ќе се носи во зависност од временските услови и состојбата со електричната енергија и греењето.
изјави жена од градската администрација која учествуваше во организацијата на шаторите.
Најмногубројни се возрасните кои тука имаат место каде да се загреат од студот што годинава во Киев достигна и минус 20 Целзиусови степени. Се дели и храна.

Има и многу деца. Во едниот шатор е направен импровизиран центар за вонучилишни активности – место за дружење, играње и учење. Тука сретнавме жена која ни раскажа дека речиси два месеца во нејзиниот стан немало греење.

„Јас сум првпат тука и навистина ова… како што велат: Немаше да има среќа ако несреќата не помогнеше, нели? Страшно е да се каже дека живееме во ваква ситуација сега, но од образовна гледна точка гледам колку на нашите деца им е потребна една ваква, можеби не само ‘пункт на непокорност’, туку токму организирање на нешто по училиштето. Разбирате? Бидејќи тие се оставени сами на себе, а тоа сега е малку погрешно. Тие тука учат, сè што сакаат: боенки, некои ребуси, сè. Ова е потребно по училиште за да не седат само на нивните уреди. Тие тука и се дружат. И, навистина, ова треба да го подигнеме на ова некое патриотско ниво“
вели една жена од соседството.
На една од терасите на околните згради наидовме на Богдан, момче кое со семејството побегнало од Луганск. Во Киев е веќе неколку години.

360 степени: Па, раскажи како го преживеавте сето ова.
Добро. Немаше греење долго време.
Немаше. Но, сега го вклучија греењето.
360 степени: Беше ладно, нели? Колку степени?
Околу 7-8 степени. Спиев под две ќебиња, а сестра ми под едно топло ќебе.
360 степени: А одите ли во училиште?
Да, седмо одделение.
360 степени: Топло ли е во училиштето?
Топло е во училиштето, сега пуштија греење. Кај нас во училиштето веќе има поставено вакви исти шатори, само еден е портокалов.
ни кажа Богдан, ученик од седмо одделение.
Од шелтерот тргнавме на север од Киев. Патот не е добар, асфалтот е полн со дупки. По 40 минути возење, пристигнавме до посакуваната локација.

Ова е споменикот на загинатите и исчезнатите цивили сместен во дворот на локалната црква. На неа сè уште се видливи траги од борбите. Низ цела Буча се забележуваат дупки од куршуми и експлозии (врати со дупки и дрво разнесено од бомба).

Војна за опстанок, не за територии
Украина поминува низ најтешката зима од почетокот на агресијата и е малку веројатно дека би успеала уште многу да издржи без западната поддршка. ЕУ стои зад неа, но не е целосно обединета, додека американската администрација на Доналд Трамп турка мировно решение по секоја цена кое не ги става Москва и Киев во израмнета позиција.
За ситуацијата на теренот, за текот на преговорите, за главните пречки, како и шансите за успех, го прашавме Михајло Подољак, еден од најблиските соработници на претседателот Володимир Зеленски.

360 степени: Дали е прифатливо, дали е изводливо за Украина да се откаже, да го изгуби цел Донбас, да се повлече од Донбас, како што бара Русија?
Знаете, мене секогаш ми се чинеше, особено по четири години војна, дека Русија веќе ја разбираат. Таа не бара ништо. Таа сака да почне од тоа да ви земе нешто што не може да го земе со сила. Откако ќе се согласите да го дадете тоа, таа ќе ги зголемува влоговите, ќе сака да земе уште нешто. Таа нема да застане, затоа што ќе смета дека сте подготвени да се откажувате. Тоа е принципот на руската надворешна политика, на советската надворешна политика. Тие секогаш така дејствувале.
Неморално е да се зборува за можноста за доброволно предавање на сопствените територии на агресорот. Од друга страна, уште еднаш нагласувам, Русија не вели дека сака да застане само на Донбас. Таа сака да ја преземе контролата врз цела Украина. Сака да преземе контрола врз уште низа области во Украина: Херсонската, Николаевската, Запорошката и така натаму. И штом, нагласувам уште еднаш, на преговарачкиот процес ќе почнете да зборувате за подготвеност доброволно да ѝ дадете нешто на Русија, таа веднаш на маса ќе има други предлози – сега зборувам со сарказам – предлози за вие да не постоите.
Ова не е војна за територија. И тоа е третото, тоа е клучната грешка на многумина. Ова е војна за уништување, за опстанок.
360 степени: Тогаш, како што разбирам, која е поентата да се преговара со некој што не сака само дел од земјата, туку ја сака цела Украина? Зошто седите на маса и разговарате со нив кога постојат стравови дека дури и да има некакво мирно решение, нема гаранции дека Русија ќе го почитува тој мир и дека можеби повторно нема да нападне?
Може и треба. Затоа што во преговарачкиот процес, кога се присутни други или посредници, како Соединетите Американски Држави – модератори, или други земји – вие го фиксирате статус-квото. Вие фиксирате како сакате да ја завршите војната и зошто е тоа правилно.
Еве, видете, претседателот Зеленски предлага: стоиме таму каде што сме. Ние разбираме дека денес, за жал, на големо жалење, не можеме да ги ослободиме сите окупирани територии. И затоа статусот „стоиме таму каде што сме“ – тоа е реалистично. Ја фиксирате својата позиција, давате аргументи. И, сепак, позицијата на Русија ќе биде очигледна за сите, вклучувајќи го и посредникот, Соединетите Американски Држави, дека тие се проблемот во преговарачкиот процес.
Украина со својата контравојна продолжува да ѝ ги поништува сите репутации на Русија. И воената – како што велеа, „втората армија во светот“, нели? Четири години војува „втората армија во светот“ со релативно мала земја во Европа и не може ни приближно да стигне до границите на Донецката Област.
Затоа уште еднаш: преговори се потребни, преговорите се активни, и вие таму треба да ја докажувате вашата позиција, која во финалето треба да доведе до тоа земјата агресор да биде принудена на мир.
360 степени: Тогаш, каде го гледате можниот простор за маневрирање за да се најде решение? Бидејќи постојат стравови во меѓународната заедница, особено кај европските земји, дека можеби оваа американска администрација притиска за какво било решение. Какво било решение само за да се заврши војната, но какво било решение не значи дека е во корист на Украина, која е нападната во изминатите четири години.
Едно се изјавите, едно е информативната позиција, а друго е што прават Соединетите Држави во однос на Русија. Еве, видете: продолжуваат ли САД да ѝ продаваат оружје на Украина преку европските механизми? Продолжуваат. Вклучувајќи противракетни системи, вклучувајќи конкретно и противракети за истите тие „патриот“. И тоа ни овозможува да го затвориме небото. Продолжуваат ли да споделуваат информации кои се критични од гледна точка на процената за тоа што има намера да прави Русија, во кој правец? Продолжуваат.
Затоа можеме да ги оценуваме зборовите, а тие како посредници, уште еднаш нагласувам, мора да заземаат одредена неутрална позиција. А можеме да ги оценуваме и делата. И делата говорат за тоа дека тие сакаат да ја допритиснат Русија. Прашањето е само во брзината, прашањето е само во обемот. И, повторно, тука имам прашање за Европа: обемот на притисокот врз Русија мора да биде поголем, а не со едната рака да поддржуваме заеднички воени програми со Украина, а со другата рака да купуваме течен гас.
изјави за „360 степени“ Михајло Подољак, близок соработник на претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
Одземени деца
Едно од прашањата што засега не е во главниот пакет на преговори, а е исклучително важно за Украина, е она за судбината на исчезнатите и насилно раселените украински деца. Се претпоставува дека станува збор за илјадници случаи во кои Русија насилно префрлила украински деца во области под нејзина контрола, им доделила руско државјанство, ги дала на посвојување на руски семејства и попречува нивно враќање кај родителите. Поради сомневања за вмешаност, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на претседателот на Русија, Владимир Путин, како и комесарката за правата на децата Марија Лвова-Белова.

„Реконинг проџект“ (Reckoning project) е една од организациите која се занимава со потврдување на случаите на земени деца и нивно лоцирање. Бројката е огромна.

„Јас би зборувала за верификувани случаи, кои можеби сега се околу 10 000. Што значи „верификувани“? Тоа значи дека постои презиме на дете кое под А, се води во Украина како исчезнато, односно може да се види во отворените извори во базата на МВР дека ова дете се води како исчезнато без трага. Исто така, утврдени се барем приближните околности под кои ова дете исчезнало, и приближните околности за следните настани што му се случиле, преку кои може да се заклучи дека таму има знаци на незаконска депортација, и на тој начин таков случај станува верификуван“,
изјави за „360 степени“ Викторија Новикова од „Реконинг проџект“.
Но, иако сака да се држи до потврдените случаи, вели – реалната бројка е друга.
„Нив сигурно ги има многу повеќе, сигурно ги има многу повеќе од 19 000. Но, кога зборуваме за она што го знаеме, она што можеме да го потврдиме, тоа се приближно тие бројки. Дали може да се каже дека 19,5 илјади е бројка со која (не) може да се оперира? Мислам дека со неа може да се оперира бидејќи е официјална“,
изјави Новикова.
Личните приказни на овие деца и нивните семејства се еден од најилустративните примери за страдањата што ги носи војната. Дел од нив ќе пренесеме во следните изданија на емисијата.
Овие денови додека сум овде, во Киев е релативно мирно. Дали ќе остане така или е само затишје пред бура е неизвесно, исто како што е неизвесна иднината на Украина – конечен мир под фер услови и со безбедносни гаранции од Западот, или продолжена агонија.



