ТВ-екипа на „360 степени“ изминативе денови ги помина во Хаг, каде се одржа Самит на НАТО, а претходно беше и во Брисел каде пред Комитетот за надворешни работи на ЕП на дневен ред беше извештајот за земјава
Разговаравме со известувачот на Европскиот парламент за С Македонија, Томас Вајц, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска. Пренесуваме и делови од јавните настапи на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, американскиот претседател Доналд Трамп, шефот на НАТО, Марк Руте, германскиот канцелар Фридрих Мерц и унгарскиот премиер Виктор Орбан
Годинешниот самит на најмоќниот воено-политички сојуз во светот веќе го добива епитетот на клучен и еден од најважните по крајот на Студената војна. Причината е тоа што Алијансата реши драматично да го зголеми трошењето за одбраната. Целта е од сегашните 2% да се дојде до 5% од бруто-домашниот производ (БДП) на државите членки, вклучувајќи ја и земјава, до 2035 година.
Пред заседанието на НАТО, претходеше друг значаен настан за Македонија. Во Брисел, во седиштето на институциите на ЕУ, известувачот на ЕП за земјава, Томас Вајц, успеа да го протурка неговиот извештај за Северна Македонија во влијателниот Комитет за надворешни работи. Многу околности за овој извештај ѝ се веќе познати на македонската јавност. Она што можеби остана не докрај јасно беше содржината на амандманите од бугарските европратеници од кои еден не помина само за еден глас. Што всушност се бараше со некои од нив?
Проследете го деталниот извештај на „360 степени“ за сите настани од Хаг и Брисел кои директно влијаат на земјава (во видеото погоре).