Неколку минути пред 21 часот, на улиците се главно граѓани со миленици. Прошетката ќе мора брзо да им заврши оти почнува полициски час.

Полицајците од станицата Беко во центарот на Скопје тргнуваат на задача со маски и ракавици. Се делат во групи од по тројца службенци и на терен ќе бидат до 5 часот наутро.

Секоја екипа има однапред утврден пункт, на кој треба да се стационира два часа, а потоа може да ја смени локацијата. Екипата во Капиштец најмалку очекуваше дека ќе запре автобус.

„Добро вечер, Ве молам лични документи и дозвола за движење во време на полициски час. За вас и за сите внатре во автобусот“,
се обрати полицискиот службеник на возачот.
„Така, така, така“,
возврати возачот.
Во автобусот беа работници на ЈСП кои организирано од гаражите се превезуваат кон своите домови. На возачот, мерките воведени за да се спречи потенцијалното ширење на коронавирусот не му значат ништо.
„Од што да се плашам, не бе, ние сме одамна во корона овдека влезени. Нема шанси. Ние сме поминале сè .Од ништо не се плашам. Маски немаме… ќе ни набават“,
ни кажа возачот.
Преку радио-врска полицаецот ги известува и останатите патроли да не се изненадат од доаѓањето на автобусот.

Исклучок од забраната за движење во време на полициски час има во случаите каде е неопходна итна медицинска помош, како и за вработените коишто мора да отидат на работа. Работниците треба да извадат важечка дозвола за движење во фирмата во која работат или да побараат дозовла од надлежна институција. Одобрението важи за движење од дома до работното место и назад.
Дозволите од фирмите важат за еден ден. За работа на терен, новинарите добиваат одобрение од Министерството за информатичко општество засега на неопределено време.

И покрај тоа што полицајците веќе знаат кои фирми работат во трета смена, протоколот вели – секое возило мора да се евидентира. Сите запрени возачи во Капиштец имаа уредна дозвола.

„Доколку не, доколку е првпат забележано лицето да го прекршува полицискиот час, најнапред се преземаат мерки од овластувањата на полициските службеници – предупредување. Доколку тоа се повтори втор или трет пат се оди со прекршочна пријава за непочитување на наредба, а доколку е зачестено тоа пријавување, одделенијата за криминалистички работи постапуваат согласно Кривичниот законик“,
вели Ѓорѓи Илиовски – раководител на безбедносен реон во ПС
Центар.
Ја потврдува изјавата на министерот Чулев дека оние што го кршат полицискиот час се креативни во смислувањето оправдувања.
„Најчесто се правдаат дека задоцниле, биле кај некои пријатели, па можеби по некоја чашка алкохол и поради тоа се задржале, меѓутоа во секој случај нарушувањата на јавниот ред и мир се на минимум за време на полициски час, така да нема некои посебни проблеми“,
додава Илиовски.

Направивме обиколка низ целиот град. Полицијата не запре еднаш , па уште еднаш и уште еднаш.

Мирно беше од Ѓорче до Чаир. Во Шуто Оризари полицијата доби впечатoк дека возач сака да ескивира, па тргна во акција. Сомнежот не се потврди, оти се покажа дека станува збор за уште еден работник со дозвола. Овде, за разлика од Центар, полицајците немаа маски и ракавици.
Некаде по полноќ на улица се само бездомниците – и луѓе и кучиња. Иако полицијата тврди дека во соработка со социјалните служби луѓето се препраќаат во пунктовите за бездомници, сепак, во центарот на Скопје луѓе спијат на улица и за време на полицискиот час. Власта е убедена дека ограничувањето на движењето и на социјалните контакти ќе помагнат за спречување на ширењето на заразата.

Целта е да им се олесни работата на оние кои не можат да мируваат.