„360 степени“ дознава дека најверојатно станува збор за тројца напаѓачи. Двајца се веќе уапсени
Застреланиот човек кај трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, според првични информации, е со иницијали В.Е.. Тој, наводно, со членови на семејството бил да заврши приватни обврски во близина.
Во исчекување на официјалниот полициски извештај, очевидци велат дека напаѓачите пукале во жртвата, дека од неговиот автомобил одзеле предмети, меѓу кои и лаптоп-компјутер, а потоа побегнале.
„360 степени“ дознава дека најверојатно станува збор за тројца напаѓачи. Двајца се веќе уапсени.
За мотивите се спомнува облик на изнуда, иако истрагата сè уште е во многу рана фаза.
„360 степени“ беше на самото место на улицата меѓу станбените згради и ТЦ „Мавровка“, веројатно, петнаесеттина минути по настанот. Безживотното тело, покриено со специјална прекривка, лежеше на асфалтот. Неколку полицајци, за кои забележливо беше дека пристигнале неодамна, почнаа да го обезбедуваат местото, а во близина на телото имаше паркирано возило на Итната помош.
„Му зедоа нешто од колата и побегнаа“,
неразбирливо рече еден човек од насобраната толпа од кој не успеавме да извлечеме повеќе информации за тоа што видел.
Жена со очила за сонце, вознемирено си ја држеше главата со едната рака додека седеше на скаличките од празниот локал пред кој лежи телото и втренчено гледаше во него.
Полицијата почна да го зголемува кругот во кој забрануваше пристап, а набрзо поставија и стоп-лента.
„Ништо не видов, сега дојдов“, беше најчестиот одговор од насобраните луѓе на нашите прашања, иако некои споделија по некоја штура информација.
„Бев во гаражата, слушнав викање, кога излегов ми кажаа дека се случило убиство. Друго не знам, не слушнав пукање, долу бев“,
рече човек што заедно со уште двајца други набљудуваа пред зградата отспротива.
„Почна една жена силно да вика, друго не слушнав. Таа жена е сведок на целата ситуација, но што му е таа жена на човекот не знам. Веднаш стигна полиција“,
рече друг човек.
Пред берберницата во приземјето на станбената зграда отспротива на столчиња седеа неколкумина од вработените во неа. Млад човек ни кажа дека од далеку видел неколку детали.
„Слушнав викање. Кога излегов видов дека некои странци му даваа помош на човекот. Мислам дека сè уште беше жив, но не сум сигурен зашто гледав од далеку. Друго не видов“,
рече тој.
Засега сè уште нема официјални информации од МВР за настанот.