Претседателот на Европскиот совет порача дека иднината на земјава е во Европската Унија и дека во таа смисла се вложува огромен труд за ваквата визија да стане реалност. Во своето обраќање до македонските граѓани, Кошта повика земјава да го направи наредниот чекор напред, алудирајќи на спроведувањето на уставните измени
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска, по повод 9 Мај – Денот на Европа, испрати порака до граѓаните на Северна Македонија и порача дека иднината на земјава е во Европската Унија.

„Почитувани граѓани на Северна Македонија, денеска ви се обраќам како на идни членови на Европската Унија. На Денот на Европа го славиме нашиот заеднички европски потфат – моментот кога земјите основачки избраа единство наместо поделба и соработка наместо конфликт. Одлучија да изградат иднина заснована на мир, слобода и просперитет врз пепелта од Втората светска војна“,
вели Кошта во пораката до македонските граѓани.
Претседателот на Европскиот совет порача дека иднината на земјава е во Европската Унија и дека во таа смисла се вложува огромен труд за ваквата визија да стане реалност.
„Вашата земја е кандидат за членство во Европската Унија веќе многу години. Време е да се направи наредниот чекор напред. Заедно ќе изградиме заедничка европска иднина. Да живее Европа“,
порача Кошта.
Во своето денешно обраќање по повод Денот на Европа, премиерот Христијан Мицкоски порача дека за нас како држава Европа е единствениот пат, но нагласи дека додека е тој на чело на Владата нема да прави пазар со нашиот идентитет и достоинство во замена за какви било лични или политички придобивки.
