Макрон, кој во Киев допатува од Москва по средбата со Путин, изјави дека двете средби постигнале напредок во придонесот за безбедноста во регионот. Пред посетата на Москва, пак, Макрон кажа дека не е можно да дојде до нормализирање на меѓународната ситуација без дијалог со Русија
Францускиот претседател Емануел Макрон по средбата со украинскиот колега Володимир Зеленски во Киев изјави дека верува во можноста за изнаоѓање на конкретно решение за украинската криза. Тој додаде дека е можно решението да трае со месеци, како и дека треба да се работи на деескалација на ситуацијата, пренесуваат британските медиуми.
Макрон, кој во Киев допатува од Москва по средбата со Путин, изјави дека двете средби постигнале напредок во придонесот за безбедноста во регионот.
Тој, исто така, кажа дека Зеленски ја потврдил својата подготвеност да го спроведе договорот од Минск, а Путин вчера му пренел дека ќе ги почитува тие договори.
Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, пред средбата со Макрон рече оти со интерес ги очекуваат сигналите што Макрон ги донел од Москва додавајќи оти Украина е отворена за дијалог.
„Постојано повторував дека сме отворени за дијалог, дека сме конструктивни и бараме дипломатско решение, но нема да ги преминеме нашите црвени линии и никој не може да не принуди на тоа“,
додаде Кулеба.
Францускиот претседател пред посетата на Москва кажа дека не е можно да дојде до нормализирање на меѓународната ситуација без дијалог со Русија.