Додека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се враќаа по пленарната сала пред почетокот на 137. седница на Собранието, на чиј дневен ред е предлог-одлуката за самораспуштање, се случи вербален инцидент.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска, со висок тон и се обрати на Нола Исмајлоска-Старова, од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, барајќи од неа повеќе да не и го споменува името. На ова, Исмајлоска-Старова и врати дека таа „не е виновна што не и кажале што гласа“.
Реакцијата на Пешевска следуваше по настапот на Исмајлоска-Старова од собраниската говорница во кој образложи зошто шестемина пратеници од оваа група ќе го поддржат законот за одбрана. Таа рече дека се креирала лажна слика дека се гласа за промена на името на Армијата, а не за усогласување потребно заради зачленувањето во НАТО.
Исмајлоска-Старова потсети дека седум пратеници на ВМРО-ДПМНЕ веќе гласаа за промена на името на Армија во Армија на Република Северна Македонија, поддржувајќи ги измените во Законот за служба во Армијата. Притоа, ги прочита и нивните имиња: Владимир Ѓорчев, Иван Иванов, Слаѓана Митовска, Дафина Стојаноска, Никола Мицевски, Павлинче Честојнова и Жаклина Пешевска.
*поврзана вест ВМРО-ДПМНЕ гласаше за „Северна“ во Законот за служба во Армијата, но ѝ пречи во Законот за одбрана
И покрај тоа што има тврдења дека дошло и до физички напад, сепак, се се заврши само со вербални дофрлања.