Изјавата на потпретседателот на САД уследи неколку часа откако украинскиот претседател го обвини Трамп дека живее во „простор за дезинформации“ направен од Русија. Венс, пак, го отфрли ваквото тврдење, велејќи дека Трамп е добро упатен во геополитиката и долго време држи цврст став по однос на ова прашање
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс го предупреди украинскиот претседател Володимир Зеленски да не го критикува јавно претседателот на САД, Доналд Трамп, зашто, како што вели, таквите забелешки се контрапродуктивни и потенцијално би им наштетиле на односите Киев – Вашингтон.
Во интервју за британски „Дејли мејл“, Венс вели дека Зеленски добил лош совет како да се справува со новата американска администрација предводена од Трамп.
„Идејата дека Зеленски ќе го промени мислењето на претседателот со тоа што ќе го изговори во јавните медиуми – секој што го познава претседателот ќе ви каже дека тоа е грозоморен начин да се справите со оваа администрација“,
изјави Венс за „Дејли мејл“.
Изјавата на потпретседателот на САД уследи неколку часа откако Зеленски го обвини Трамп дека живее во „простор за дезинформации“ направен од Русија. Венс, пак, го отфрли ваквото тврдење, велејќи дека Трамп е добро упатен во геополитиката и долго време држи цврст став по однос на ова прашање.
Американскиот потпретседател додаде дека САД го сакаат украинскиот народ, се восхитуваат на храброста на војниците, но сметаат оти оваа војна треба брзо да заврши.
Откако вчера Зеленски го обвини дека живее во простор на дезинформации, Трамп му возврати на украинскиот претседател нарекувајќи го диктатор. Го обвини Зеленски оти ги убедил САД да потрошат 350 милијарди долари, да влезат во војна која не може да се добие, која никогаш и не требало да започне, но која без него и без Соединетите Држави никогаш нема да може да ја заврши.