„Како што ветив во предизборието, започнувам средби со членовите на СДСМ и граѓаните низ целата држава. Првата средба вчера ја имав во Неготино. На нашите членови и активисти им се заблагодарив за поддршката и ветив дека заедно ќе ја вратиме партијата на победничките патеки“, пишува Филипче на Фејсбук

ФОТО: Фејсбук-профил на Венко Филипче
Поранешниот министер за здравство Венко Филипче, кој од пред десетина дена е избран за пратеник во Собранието како носител на листата на СДСМ во четвртата изборна единица, од вчера ги започна средбите со членовите на СДСМ и граѓаните низ државава за кои вели дека ги ветил во предизборието.
Првата средба Филипче ја имал со членовите и активистите на СДСМ од Неготино.
„Како што ветив во предизборието, започнувам средби со членовите на СДСМ и граѓаните низ целата држава. Првата средба вчера ја имав во Неготино. На нашите членови и активисти им се заблагодарив за поддршката и ветив дека заедно ќе ја вратиме партијата на победничките патеки“,
вели Филипче во објава на својата фејсбук-страница.
Филипче вели дека од членовите и активистите на партијата ги слушнал мислењата за тоа каков СДСМ сакаат да видат во иднина и кои се очекувањата од новото раководство и пратениците.
„Членовите бараат, пред сè, поголемо присуство, комуникација и координација на новото раководство и пратениците со членовите. Ова бил и ќе биде мој начин на работа и практикување на политиката“,
додава Филипче.
Според него, единство се постигнува само со почитување на мислењата на другите, со многу работа и трпеливо градење доверба.
„Мора да ги вреднуваме нашите поддржувачи и да овозможиме нивно активно учество во градењето на политиките. Нивната стручност и посветеност треба да се единствено мерило за напредување во партиските органи“,
вели Филипче во објавата.
На средбата, како што додава тој, ги информирал присутните дека во тек е отворањето на регионалните пратенички канцеларии каде што ќе има редовни средби и тематски дискусии со граѓаните за креирање политики.
„Нашето социјалдемократско семејство подразбира соработка и обединување на мноштво поединци и групи кои веруваат во идеалите на социјалдемократијата, слободата, правдата и еднаквоста“,
се додава во објавата.
Венко Филипче деновиве се спомнува во јавноста како еден од можните кандидати за претседател на СДСМ, заедно со Петре Шилегов, Стефан Богоев, Јован Деспотовски, Игор Ивановски…
Досега единствено актуелната министерка за одбрана Славјанка Петровска најави дека размислува да влезе во трката за нов лидер на СДСМ откако актуелниот партиски претседател Димитар Ковачевски најави внатрепартиски избори на сите нивоа по изборниот пораз на СДСМ.
Минатата недела од СДСМ најавија состаноци на партиското раководство и Извршниот одбор за отпочнување на постапката за свикување на отчетен конгрес. На конгресот ќе се разгледаат причините за изборниот резултат, а се очекува да бидат дефинирани и роковите и начинот за спроведување на внатрепартиски избори.
Ковачевски ноќта на 8 мај, веднаш по соопштувањето на првите изборни резултати, порача оти никој не е без одговорност за изборниот пораз и затоа СДСМ ќе мора да погледне навнатре и да размисли за причините за слабите резултати. Според Ковачевски, процесот на обнова мора да биде на сите нивоа повикувајќи на нови внатрешни избори на сите партиски тела, и на централно и на локално ниво, почнувајќи од претседателот на партијата, раководството, па сè до претседателите на општинските организации и на сите органи и тела на партијата.
Оттогаш оставки од партиските функции си поднесоа заменик-претседателката Сања Лукаревска, потпретседателите Фатмир Битиќи и Перо Костадинов, како и претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Јованка Тренчевска.