„Јас тоа не би го кажал зголемување бидејќи пет проценти, колку што покажуваат бројките, на условно кажано покачувањето на пензиите, што треба да бидат исплатени на први в петок. Така што, ова статистичко покачување од пет проценти е во моментов што пензионерите ќе го добијат како дополнување на нивните пензии“, вели министерот за труд и социјална политика во техничката влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ

Пензиите што ќе бидат исплатени в петок ќе имаат статистичко покачување од пет отсто, информира министерот за труд и социјална политика во техничката влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоко Велковски.
Според него, податоците покажуваат пет проценти на, како што наведе, условно кажано покачувањето на пензиите.
„Добиени се сите податоци од статистика, веќе е направена пресметката. Јас тоа не би го кажал зголемување, бидејќи пет проценти колку што покажуваат бројките на условно кажано покачувањето на пензиите, што треба да бидат исплатени на први в петок. Така што, ова статистичко покачување од пет проценти е во моментов што пензионерите ќе го добијат како дополнување на нивните пензии“,
рече Велковски денеска одговарајќи на новинарски прашања по учество на Самитот РЕДИ 2024 во Скопје.
Во согласност со новата методологија, усогласување на износот на пензиите се прави двапати годишно во март и во септември, врз основа на податоците од Државниот завод за статистика за трошоците на живот и просечната плата.
Велковски вели дека е минорна измената за замрзнување на покачувањето на платите на функционерите, со предложените измени на законите што ги доставија пратеници од владејачката СДСМ, а кои денеска се на собраниска седница.
„Направено е прекршување на самото усогласување кое што требало да започне претпоставувам многу порано не наеднаш кога се случија тие 78 проценти, така што некој којшто прави само ад хок решенија се случува тоа што се случи пред година дена од денеска. Сега е минорно што тие прават измена, односно го замрзнуваат делот на покачување на сегашните плати, така што ако се следат како решенија доаѓаме до една ситуација да бидат и сите граѓани незадоволни, а процентот на зголемување на платите на функционерите да биде на ниво како што беше и реакциите да бидат нормални од страна на граѓаните какви што беа“,
рече Велковски.
Откако е тој министер, како што рече, на седница на Владата не се разговарало за намалување на платите на функционерите.
„Не, на седниците што сум бил присутен јас лично како министер бидејќи е повеќе од еден месец и нема точки во делот на професионална политика не знам од кои причини. Претпоставувам дека така работеле претходните министри, но тоа е на нив. На тие седници кај што сум бил јас присутен немало дискусија, ниту има заклучоци произлезени од Владата по однос на тоа прашање“,
додаде тој.