„За жал, неколкупати направив повик до Собранието и пратениците, еве и денеска нека се одважат. Уште 4-5 дена имаат работа, нека ја стават оваа точка на дневен ред, а пет минути работа е да ја изгласаат“, вели министерот за труд и социјална политика од ВМРО-ДПМНЕ
Министерот за труд и социјална политика од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоко Велковски, денеска, на неколку дена пред распуштање на Собранието, апелира на дневен ред да бидат ставени предлог-измените на Законот за заштита на деца, според кои, воспитувачките и негувателките би полагале за лиценци пред да се вработат во градинките.
„Морам со жалење да истакнам дека Собранието, коешто има само уште неколку дена работа до конечно распуштање, дневните редови ги направи, а точката за измена на Законот за заштита на децата не е ставена на дневен ред. За жал, неколкупати направив повик до Собранието и пратениците, еве и денеска нека се одважат. Уште 4-5 дена имаат работа, нека ја стават оваа точка на дневен ред, а пет минути работа е да ја изгласаат“,
рече министерот за труд и социјална политика.
Велковски посочи дека над 1 000 воспитувачки и негувателки од 2021 година досега чекаат да добијат лиценцирање за да се пополни недостигот на стручен кадар во градинките во градовите низ земјава.
„Наместо да се грижиме за 5 000 дечиња коишто не се во детските градинки, да се грижиме да имаме негуватели, воспитувачи и стручен кадар којшто ќе може да влезе во процесот на вработување веднаш по завршување на изборите, денеска на грбот на децата некој тера политика за децата, за жал, да немаат детска заштита во градинките“,
додава Велковски.