Македонија својата Преамбула да ја формулира по моделот на Република Хрватска, како национална држава на македонскиот народ и на малцинствата што живеат во Република Македонија и кои ги уживаат истите права како што ги ужива и македонскиот народ, а во согласност со Повелбата на Обединетите нации, предлага опозициската партија
Преамбулата на македонскиот Устав да биде по моделот на Република Хрватска, односно Македонија да биде национална држава на македонскиот народ и на малцинствата што живеат во Република Македонија и кои ги уживаат истите права како што ги ужива и македонскиот народ. Ова е ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени, посочи во денешното интервју за Радио Лидер пратеникот Александар Велјановски.
Според него, она што се случува во владејачкото мнозинство е хаос и немање принципиелни ставови околу најважните прашања кои се од интерес за државата. Истото се случува и околу уставните измени и барањето за уставни измени кои знаеме дека веќе подолг период се тераат како една главна стратегиска работа која би значела евроинтеграцијата на Република Македонија, истакна Велјановски.
„Ова со хрватскиот модел, предлогот којшто го слушнавме и од страна на претседателот Мицкоски, јас го слушнав и од заменик-министерката за правда која во една емисија на една национална телевизија кажа дека правеле една компаративна споредба на сите устави во регионот, па и пошироко, и дошле до заклучок дека Македонците во Република Хрватска се дел од Преамбулата и дека таму никаков проблем. Оттука и предлогот на претседателот Мицкоски, односно фрлената ракавица е токму во таа насока, Македонија својата преамбула да ја формулира по моделот на Република Хрватска како национална држава на македонскиот народ и на малцинствата што живеат во Република Македонија и кои ги уживаат истите права како што ги ужива и македонскиот народ, а во согласност со Повелбата на Обединетите нации“,
рече Велјановски.
Во врска со евентуално одржување предвремени парламентарни избори, Велјановски посочи дека на тие избори ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со програма, со јасен план, со национален политички и економски план во кој би предложиле како тие како партија ќе се справат со проблемот со уставните измени.
„Во текот на вчерашниот ден слушнавме најразлични интерпретации на овој предлог, односно отфрлање на предлогот од страна на албанските политички партии, нов предлог од страна на Алтернатива, повик за влегување во комисијата која ќе се занимава со давање на предлози за тоа како би изгледала преамбулата. Така што, сметам дека токму ова разногласие доведува до заклучокот дека е потребно да се оди предвремени парламентарни избори на кои би излегле со програма, со јасен план, со национален политички, економски во кој би предложиле како ние како партија ќе се справиме со проблемот кој што го наметна Република Бугарија, а преку продолжената рака на Република Бугарија, тоа е СДСМ во Република Македонија“,
заклучи Велјановски.