Општинскиот штаб за заштита и спасување на својата последна седница во петокот одлучи превентивно да бидат затворени и јавните детски игралишта и детски забавни паркови во Велес.
Целта на оваа одлука, како што информира градоначалникот Аце Коцевски, е да се спречи групирање и пренесување на вирусот ковид-19 кај младите и нивните родители, баби и дедовци кои одат со нив во детските забавни паркови, а со тоа и да се заштити нивното здравје.
Тој ја оцени како крајно алармантна состојбата со ковид -19 во Велес и апелира до граѓаните да ги почитуваат превентивните меки за заштита со цел да се спречи ширењето на заразата и да се сочува здравјето на граѓаните.
Бројот на активни случаи во Велес и велешко од ден на ден расте, а во моментов има 420 активни случаи.
За десетина дена на Инфективно одделение починаа 15 пациенти што е најмногу од почетокот на епидемијата. До сега во овој град починаа вкупно 29 пациенти.
