Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое дебатираат Лура Положани, Ангела Анѓеловска, Димитар Низамовски и Блажен Малески, се емитува вечерва (24 септември 2021 г.) од 22 часот на ТВ Алсат
Еден од највпечатливите сегменти од говорот на претседателот Стево Пендаровски на 8 Септември, по повод 30-годишнината од независноста, беше оној во кој порача: „Ефектите од долгата и мачна транзиција придонесоа постепено, пред наши очи, да се оформат најголемата опасност и закана за нашата иднина, а тоа е – масовното иселување на нашите граѓани. Младите, но и повозрасните се иселуваат тогаш кога ќе престанат да веруваат дека државата може да обезбеди услови за пристоен живот, достоен за човекот во 21 век“.
Неодамнешната студија за социо-политичкото учество на младите во Северна Македонија, изработена од Фондацијата „Вестминстер“, во соработка со Младинскиот образовен форум, открива дека околу 60 отсто од младите во земјава би се иселиле ако им се укаже можност. Високи 84 отсто од младите веруваат дека не можат да влијаат врз тоа – што и како работат властите, а седум од 10 млади се опишуваат себеси како главно или воопшто неактивни граѓани во општеството. Политичкото учество на младите е темата на вечерашнава дебата во пресрет на кампањата за локалните избори, која почнува в понеделник. Гости: Лура Положани, истражувач на Универзитетот на Грац, Австрија; Ангела Анѓеловска, потпретседателка на Националниот младински совет на Македонија; Блажен Малески, истражувач во „Реактор“; Димитар Низамовски, извршен директор на Младинскиот образовен форум.
Емисијата почнува во 22 часот на ТВ Алсат.