Според досегашните резултати, во Народното собрание на Бугарија ќе има седум партии, а дали има шанси во парламентот да влезе и осма партија, од бугарската Централна изборна комисија засега не сакаат да коментира

На парламентарни избори во Бугарија, кои беа четврти по ред во последните 18 месеци, според досега достапните информации, гласале нешто повеќе од 2,5 милиони Бугари. Оваа бројка до конечната обработка на податоците ќе се промени, но незначително, што прави вчерашните избори да бидат со најниска излезност во последните 33 години.
„Ова се парламентарните избори со најниска излезност од сите што биле спроведени од 1989 година. Оваа излезност малку е пониска од изборите во ноември лани, но да не забораваме дека тогаш истовремено беа одржани и претседателски и парламентарни избори“,
изјави Светозар Томов од Централната изборна комисија (ЦИК) на Бугарија.
Конечниот рок за објавување на податоците од ЦИК за тоа колку точно лица гласале и кои партии ќе влезат во парламентот е четврток.
„Досегашните резултати јасно покажуваат кои шансите на партиите да влезат во следниот парламентарен состав“,
рече Томов.
Според досегашните резултати, во Народното собрание на Бугарија ќе има седум партии: ГЕРБ, Продолжуваме со промените, ДПС, Преродба, БСП, Демократска Бугарија и Бугарски подем. За освојување пратенички мандати потребно е да се освојат над четири отсто од гласовите.
Малку под цензусот од четири отсто, според досега обработените резултати, е Има таков народ на Слави Трифонов со освоени 3,83 отсто. Дали има шанси во парламентот да влезе и осма партија, Томов од ЦИК засега не сакаше да коментира.