Албанија направи ветинг во судството и води сериозна битка против организираниот криминал. С Македонија пак, дури и го смени своето име само за да ја смири Грција. Ако ЕУ делува одбивно кон Балканот, тогаш тие ќе притрчаат во рацете на анти-западните автократи. Русија и Кина веќе ги прошируваат своите пипала во југоисточна Европа, а овие вторите финансираат изградба на пристаништа, мостови и железнички линии и тоа низ нетранспарентни политички зделки, пишува во анализата објавена во Вашингтон Пост, членот на бордот уредници на Блумберг и поранешен главен и одговорен уредник на Ханделсдблат, Андреас Клут.
Според Клут, 27-те земји членки на Европската унија деновиве ги делат многу работи, но една од најголемите контроверзии која лебди над блокот е „проширувањето“. Конкретно, дали официјално да започнат преговорите за пристапување со Северна Македонија и со Албанија. Прашањето е дали ЕУ, во жаргонот на еврократите може паралелно и да се „шири“ и да ги „продлабочува“ внатрешните односи.
Тој ја поставува дилемата дали ако ЕУ продолжи да прима нови членки, без разлика дали се подготвени или не, може да стане тешка за раководење и да се соочи со внатрешни поделби?
„Тоа е едно од прашањата за кое тензиите ги крена францускиот претседател Емануел Макрон кога со својата не дипломатска искреност, шокирајќи ги лидерите на ЕУ, ги блокираше преговорите со Северна Македонија а со поддршка од Данска и од Холандија, и стави рампа и на Албанија. Tоа најмногу ја иритираше германската канцеларка Ангела Меркел а ги налути овие земји од Балканот. ЕУ сега се обидува да изврши притисок врз него и да го натера да го напушти ветото пред Европскиот самит во март“,
вели Клут.
Според него, на Макрон му се забележува дека бил неправеден затоа што не го признал исчекорот што го направиле двете земји за да влезат во процесот на преговори за членство. Албанија направи ветинг во судството и води сериозна битка против организираниот криминал. С Македонија пак, дури и го смени своето име само за да ја смири Грција. ЕУ вети дека ова ќе биде доволно за да започне преговори.
И второ, Макрон, како што констатира авторот на анализата, беше обвинет дека е стратешки кратковид и тоа во време кога ЕУ треба да размислува „геополитички“. Русија и Кина веќе ги прошируваат своите пипала во југоисточна Европа, а овие вторите со финансираат изградба на пристаништа, мостови и железнички линии и тоа низ нетранспарентни политички зделки. Ако ЕУ делува одбивно кон Балканот, тогаш тие ќе притрчаат во рацете на анти-западните автократи.
„Сè ова е точно. Но, постојат добри аргументи и против проширувањето. Тоа неизбежно ќе ја засили интеграцијата меѓу постојните членки на ЕУ. Заедништвото беше доволно тешко меѓу шесте земји основачи на Унијата а со секоја нова членка стануваше уште потешко, секоја со своја посебна култура, јазик, историја, национални интереси“,
вели Кнут.
Дилемата околу проширување, според уредникот на Блумберг станува поголема по двете експанзии на Унијата кон земјите од „Истокот“ во 2004 и во 2007 година. Вели дека и тогаш се користеле слични аргументи како и денес; дека одбивањето на членството на пост-комунистичките земји ќе претставува беше геополитичка лудост, дека ќе останат во сферата на влијанието на нивните поранешни руски угнетувачи, и конечно дека би било неправедно кон луѓето кои долго и храбро се бореле за својата слобода и копнеле да му се придружат на „Западот“.
„Сепак, по повеќе од една деценија, дел од тие источни членки се претворија во расипници на европскиот проект. Унгарија е квази-автократија која гордо се нарекува „нелиберална“. Полска активно ја поткопува независноста на своите судии и владеењето на правото, отворено противејќи му се на Европскиот суд во Луксембург. И двете држави го попречуваат секој напредок во формулирањето заедничка европска политика за справување со мигрантите. Всушност, тие ја отфрлија клучната идеја на која се темели ЕУ, за европска солидарност наспроти атавистички национализам“,
пишува Кнут.
Негова оценка е дека секоја од рундите на проширување и создава нови фрактури на ЕУ и нови поделби меѓу северот и југот, како и меѓу истокот и западот. Оттаму, како што акцентира авторот на анализата, Макрон не е единствениот што забележува дека европската внатрешна интеграција е закочена и дека „проширувањето“ има врска со тоа. Во надворешната и одбранбената политика, секоја земја-членка може да стави вето на секоја одлука, со што ја прави ЕУ импотентна и ирелевантна на светската сцена. Поголемите идеи, како европска армија не се ништо друго освен пусти соништа. Во еврозоната, ниту банкарството, ниту фискалната унија не се комплетирана, па валутната унија е подложна на нови кризи. Сето ова се дел од геополитички размислување. Без еврото да му конкурира на доларот, без дипломати или војници што сериозно ќе ги сфаќаат Турција, Русија, Кина и другите, какво добро ќе има ЕУ на долг рок?, прашува Кнут.
Сепак, тој заклучува дека добро е да се започнат преговори со Тирана и со Скопје, отколку тие да бидат отфрлени, но во исто време, ЕУ мора да даде одговор за проблемот со замрзнатата внатрешна интеграција и преку надминување на табуата да почне да функционира навистина како Европа во повеќе брзини.
„За тоа е потребно да се реализира старата идеја и да им се дозволи на одредени земји да се интегрираат меѓу себе побрзо од другите во областите што самите ќе ги ги бираат. Во голема мерка тоа е веќе реалност. Само 19 од 27 земји на ЕУ го користат еврото; 26 земји се членки на т.н. шенген-зона и имаат целосно отворени граници меѓу себе, од кои четири (Норвешка, Исланд, Швајцарија и Лихтенштајн) воопшто не се ни членки во ЕУ. Зошто некои членки (Германија, Луксембург и Холандија) да не напредуваат во фискалната унија, а другите да се приклучат подоцна? Или во надворешната, одбранбената и миграциската политика. Ако ЕУ како целина не може да се продлабочи, одредени делови од неа нека го сторат тоа“,
вели Кнут.
Тој укажува дека некои земји-членки, како Полска, се противат на оваа идеја, стравувајќи дека ќе се креираат блокови и тие би биле европска периферија или земја од втора ранг во Унијата. Но во истовреме не сакаат да му доверат поголема сувереност на Брисел.
„Зошто тој клуб да не стане флексибилен, со различни видови членство. Да не се нарекуваат златно, сребрено или бронзено, туку нешто како длабоко, средно длабоки или плитко. Со различни нивоа доаѓаат различни степени на интеграција, обврски и права. Не сакате да го земете својот дел од бегалците? Тогаш, помалку добивате од буџетот на ЕУ. Не верувате во владеење на правото? Ги губите гласовите во Брисел“.
вели Кнут во анализата.
Според него, во така флексибилна ЕУ, делови од неа би можеле да станат моќни од геополитички аспект, а останатите можат да ја задржат својата независност.
„Ова е единствениот начин на кој Европа може да се продлабочи и прошири во исто време. Кој знае? Можеби тоа е вид на ЕУ во кој дури и Британците можеби ќе сакаат еден ден пак да се вратат“, пишува уредникот од Блумберг во анализата која ја објавува Вашингтон Пост.