Не се согласуваме со ниту еден дел од тоа и не мислам дека се вистински и реални овие идеи, изјави еврокомесарот во Тирана
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, денеска во Тирана изјави дека информациите за наводен „нон -пејпер“ за промена на границите во Западен Балкан не се вистинити, бидејќи, како што рече, сите знаат каде ќе ги однесе повторното поставување на граници, додавајќи дека ниту една сериозна личност не би поставила ваква тема за дискусија.
„Ова е како годишно време во кое гледаме како ‘цутат’ вакви документи. Интересно е кога ги слушаме овие вести, иако сме убедени дека тоа се лажни вести. Но, доколку беа вистинити ќе беа вознемирувачки зашто повторното обележување на границите сите знаме кон што не води. Не се согласуваме со ниту еден дел од тоа и не мислам дека се вистински и реални овие идеи“,
изјави Вархеји, пренесува Топ чанел.
На истата тема премиерот Еди Рама, како што објави МИА, рекол дека негова визија и уверување е „регионалниот Шенген”.
„Што се однесува до Балканот мојата визија е објавена, регионалниот Шенген е единствениот пат по кој треба да одиме секојдневно, да дискутираме на цивилизиран начин за сите наши недоразбирања. Конфликтите ни донесоа уназадување, а не напредок. Шенген е поддржан и од ЕУ“,
рекол Рама.