Напорно работиме на случајот на С Македонија, но уште не сме до посакуваната цел, вели еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали е возможно отворање на пристапните преговори на земјава кон ЕУ во јуни.
Вархеји при денешната посета во земјава по повод пристигнување на првите вакцини против ковид финансирани од ЕУ, зборуваше и за евентуалната можност да се одвојат процесите за С Македонија и Албанија во пристапувањето кон ЕУ.
„Ова е процес кој се базира на постигнувања. Албанија ги има постигнато условите, но ако нема договор за Северна Македонија мислам дека ќе дојде момент кога ќе треба да ја разгледуваме и таа опција. Разговаравме со Заев за ова прашање, се согласивме дека ќе мора да се постигне напредок од двете земји“,
рече Вархеји.
Тој појаснувајќи своја поранешна изјава, нагласи дека самото вето кое дојде од страна на Бугарија е драматизирање и нагласи дека ЕК работи на тоа да се вратат работите во нормала колку што е можно побрзо.
„Враќање во нормала значи постигнување на договор помеѓу двете земји. Договор значи закажување на првата Меѓувладина конференција помеѓу Бугарија и С Македонија и се разбира токму ова е тоа на кое ние како ЕУ работиме сега“,
рече Вархеји.
Австриската министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер, повтори дека Виена ја поддржува евроинтеграцијата на С Македонија која сработи многу за да го постигне статусот на земја-кандидат. Се надева дека блокадата од страна на Бугарија ќе се отргне и дека С Македонија ќе остане на масата на разговори кои треба да ги продолжат двете земји.
„Ќе направиме се што е можно, Австрија ќе продолжи со поддршката со цел да се забрза темпото и да започнат пристапните преговори што е можно побрзо, затоа што не смееме да губиме време и не смееме да го изгубиме моментумот“,
вели Едштедлер.