„Како прво, секогаш сум оптимист за членство во ЕУ. Тоа ми е дел од описот на работното место. Одговорот е – да, апсолутно сум оптимист. Кажавте 2030 година, тоа јас не можам да го кажам, може да биде порано, може да биде подоцна, сè зависи од испораката, испорака на реформите од страна на Северна Македонија. Ние од наша страна дадовме многу јасни и силни сигнали. Ако ги погледнете дискусиите на нашите шефови на влади и држави во изминатите две-три години, ќе видите дека проширувањето е врвен приоритет за нашите лидери и за ЕУ. Затоа, претпоставувам дека доколку испорача Северна Македонија во поглед на условите, ќе има и позитивни одлуки од страна на ЕУ“, рече еврокомесарот за проширување
Потребно е национално единство за процесот за членство во Европската Унија (ЕУ) да оди напред, а ние од наша страна ќе продолжиме со работата за да го забрзаме темпото на преговорите, е пораката што еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји ја испрати од прес-конференцијата по 16. состанок на Советот за стабилизација и асоцијација што денеска се одржа во Скопје.

Ова, како што истакна Вархеји, бара вклучување на сите страни – од Владата до опозицијата, деловната заедница, факултетите и граѓанското општество.
„Од наша страна ние сме подготвени, но ни треба Северна Македонија да направи сличен чекор. За тоа да се случи, потребно е Владата и Собранието да ги забрзаат реформите“,
рече еврокомесарот на заедничката прес-конференција со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, и премиерот Димитар Ковачевски.
Заложби за реформски напредок претставниците на ЕУ денеска слушале од Владата, а идентична порака Вархеји се надева дека ќе дојде и од пратениците во македонскиот парламент дека нема ништо што ги кочи неопходните реформи за пристапување кон ЕУ.
Иако не ги спомена експлицитно во своето обраќање, меѓу реформите за кои зборуваше еврокомесарот се и уставните измени што се услов за продолжување на пристапните преговори на земјава со Европската Унија.
Одговарајќи на новинарско прашање дали е оптимист дека членството на С Македонија во ЕУ може да се случи до 2030 година, Вархеји низ насмевка рече дека секогаш е оптимист и оти тоа може да се случи и порано, но сè зависи од темпото со кое земјава ќе ги испорача реформите.
„Како прво, секогаш сум оптимист за членство во ЕУ. Тоа ми е дел од описот на работното место. Одговорот е – да, апсолутно сум оптимист. Кажавте 2030 година, тоа јас не можам да го кажам, може да биде порано, може да биде подоцна, сè зависи од испораката, испорака на реформите од страна на Северна Македонија. Ние од наша страна дадовме многу јасни и силни сигнали. Ако ги погледнете дискусиите на нашите шефови на влади и држави во изминатите две-три години, ќе видите дека проширувањето е врвен приоритет за нашите лидери и за ЕУ. Затоа, претпоставувам дека доколку испорача Северна Македонија во поглед на условите, ќе има и позитивни одлуки од страна на ЕУ“,
рече Вархеји.
Во врска со состанокот на Советот за асоцијација и стабилизација, еврокомесарот за проширување рече:
„Тоа што го симболизира овој состанок е што Северна Македонија ќе стане земја членка на Европската Унија“.
Првиот чекор, како што посочи тој, бил направен минатата година во јули, алудирајќи на прифаќањето на францускиот предлог, со што беше одблокиран пристапниот процес и беа отворени преговорите со почетокот на скрининг-процесот.
„Тоа што го видовме минатата година беше првиот плод на таа работа, отворање на пристапните преговори во јули, што се смета и за првиот чекор кон реалното проширување и членство. Тоа беше само врз основа на заслуга, врз основа на исполнување на реформите и само врз тие основи можевме да го направиме тој чекор“,
потенцира Вархеји.
Иако за некои скрининг-процесот е технички процес, според еврокомесарот станува збор за важен дел бидејќи во негови рамки се прави целосна анализа на правниот систем на земјата и на тоа се засноваат деталите поврзани со условите за влез на земјата во ЕУ.
„Како држава преговарач се јавуваат и нови можности за Северна Македонија, но тоа носи со себе и свои одговорности, затоа е важно државата сега да не забави, туку да ја забрза својата работа за спроведување на реформите, особено тие кои се од интерес за нејзините граѓани. Тука мислиме за темелниот кластер, тоа е суштината, сржта на целиот процес на проширување, а тоа е владеењето на правото, непристрасно, ефикасно и независно судство, борбата против корупцијата и организираниот криминал и креирање и одржување на основите на демократијата“,
прецизира еврокомесарот за проширување.