Kомесарот за проширување Оливер Вархеи утре ќе ја посети Северна Македонија по повод пристигнувањето на првите вакцини против ковид-19, споделени и финансирани од ЕУ. Заедно со Вархеи, во Скопје ќе допатува и австриската министерка за ЕУ, Каролине Едштадлер.
Вархеиќе оствари средба со премиерот Зоран Заев во Владата, по што заедно со Едштадлер ќе го посетат вакциналниот пункт во арената Борис Трајковски.
Европската комисија и Австрија на 20-ти минатиот месец објавија дека вкупно 651.000 дози на вакцините „Фајзер“ ќе бидат доставени на регионот, на неделна основа, од почетокот на мај до август. Од нив, 119.123 вакцини ќе бидат за Северна Македонија.
„Патувам за Западен Балкан за да испратам јасна порака: Ние се грижиме! Се грижиме за нашите партнери и се грижиме за нивните здравствени работници и за најранливите лица. Испораката на вакцините ја потврдува нашата постојана заложба да обезбедуваме поддршка, како што тоа го правиме од почетокот на пандемијата. Заедно сме посилни!’’,
изјави Вархеи.
Вакцините се финансирани од пакетот вреден 70 милиони евра, кој ЕК го одобри во декември минатата година за да помогне во покривањето на трошоците за вакцини обезбедени преку договорите на ЕУ за авансна набавка за партнерите од Западен Балкан. Австрија го олесни споделувањето на овие вакцини финансирани од ЕУ преку правни договори со производителот и со секој партнер од Западен Балкан.
„ЕУ покажува солидарност и грижа во однос на земјите од Западен Балкан од самиот почеток на пандемијата. За Северна Македонија, ЕУ обезбеди околу 230 милиони евра за итни медицински набавки и како поддршка во ублажувањето на социо-економските последици од пандемијата“,
стои во соопштението на Делегацијата на ЕУ во Скопје