Целта на прошетката беше за изградба на еден од трите модули на вселенската станица „Тијангонг“ (Небесна палата), која по големина ќе биде слична на поранешната советско-руска станица „Мир“ (1986-2001) и се планира да биде во функција најмалку 10 години
Космонаутката Ванг Јапинг стана првата Кинезинка што изведе вселенска прошетка, а целта на прошетката беше да се продолжи со изградбата на кинеската вселенска станица.
Ванг Јапинг (41) е полковник и пилот и е дел од мисијата „Шенжу-13“, лансирана во средината на октомври. Екипажот, кој вклучува уште двајца космонаути, ќе остане шест месеци на модулот „Тијанхе“, единствениот од трите планирани модули на идната кинеска вселенска станица што е изграден досега.

Нивната задача е да ја продолжат изградбата на вселенската станица и воедно да го тестираат капацитетот за долг престој од половина година во безвоздушен простор. Заедно со генералот Џаи Џиганг (55), кој е командант на мисијата, Ванг Јапинг синоќа престојуваше во вселената шест и пол часа, соопшти Кинеската вселенска агенција задолжена за летови со екипаж (CMSA).
Целта на вселенската прошетка беше да се инсталираат нови елементи на надворешната роботска рака, да се обезбеди сигурност на опремата и да се тестира новата генерација вселенски комбинезони.
„Сите планирани задачи се успешно завршени“,
соопшти Агенцијата.
Ова е трета вселенска прошетка на екипажите на „Тијанхе“ и прва за тимот „Шенжу-13“, кој треба да направи уште една или две во наредните месеци. Ванг Јапинг веќе го имаше својот прв вселенски лет во 2013 година, а во тоа време таа беше втората Кинезинка што полета во вселената.
Мисијата „Шенжу-13“ е петта од 11-те мисии (со и без екипаж), колку што вкупно ќе бидат потребни за изградба на кинеска вселенска станица. Изградбата се очекува да биде завршена до крајот на 2022 година.
Наречена „Тијангонг“ (Небесна палата), по големина ќе биде слична на поранешната советската станица „Мир“ (1986-2001) и се планира да биде во функција најмалку 10 години.