По грабнувањето, девојчето било однесено на локација надвор од Скопје, каде што, според изјавите на сведоците, било извршено убиството и бил запален „ситроенот“ со кој девојчето било грабнато. „Ситроенот“ бил во сопственост на 74-годишниот велешанец, кој три дена претходно бил пријавен за исчезнат, а за чие убиство се осомничени истите лица кои се осомничени за грабнувањето и смртта на Вања
Грабнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска се случило рано утрото на 27 ноември во влезот од зградата во која живеела, информира министерот Оливер Спасовски.
Информациите за времето на излегување од домот, како што соопшти министерот според првичните сознанија, на организаторите им биле достапни уште претходната вечер. Тие знаеле дека Вања тоа утро ќе излезе сама од домот.

Откако било грабнато, девојчето со врзани раце и нозе било ставено во вреќа за спиење, па во гепекот на возилото „ситроен“ кое било во сопственост на 74-годишниот велешанец, за чие убиство се осомничени истите лица кои се сомничат за исчезнувањето и смртта на Вања.
„Двете од лицата кои биле со возилото ‘ситроен’ по претходно добиена информација којашто ја имале вечерта пред извршување на грабнувањето, дека девојчето ќе биде само, во колку часот итн, во влезот од зградата го земаат и го ставаат практично со врзани раце и нозе во вреќа за спиење и го изнесуваат и го ставаат во гепекот од возилото“,
вели Спасовски.
Пред „ситроенот“, цело време се движело возило „рено канго“.
Девојчето потоа било однесено на локација надвор од Скопје, каде што, според изјавите на сведоците, било извршено убиството и бил запален „ситроенот“ со кој девојчето било грабнато.
Министерот Спасовски претходно информираше дека таткото на 14-годишната Вања Ѓорчевска, чие безживотно тело вчера беше пронајдено во околината на Скопје, индиректно бил вмешан во организирањето на киднапирањето на девојчето со цел да се изнудат пари од мајката на малолетничката.
Таткото на малолетничката, пак, како што беше соопштено на денешната прес-конференција, негира дека е вклучен во дејствијата за кои е осомничен.