30 отсто од средствата за реализација на проектот се обезбедени од Буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а 70 отсто во договор со Владата на Сојузна Република Германија застапувана од Германската развојна банка (KfW) во форма на грант и на заем под поволни услови
Реализирана втората фаза на „Проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар“ со кој се обезбедува навремено и квалитетно наводнување на вкупна површина од 2.150 хектари на територијата на Општина Валандово, а ги опфаќа населените места Удово, Јосифово, Калково и Пирава.
Со ова најмалку илјада земјоделци од валандовско ќе добијат вода за наводнување преку хидросистемот „Јужновардарска долина“ кој денеска почна да функционира.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа истакна дека без вода нема конкурентно земјоделско производство, а без модерни системи за наводнување нема развој на агро-секторот.
„Секоја нова педа земја до која ќе дојде вода е успех на една Влада. Токму затоа денешниов ден е од историско значење за државата, за институциите, за општините, а најмногу за земјоделците од овој регион. Министерството ќе продолжи да се залага за изградба на нови системи за наводнување. Во Инвестицискиот план за управување со водите и инфраструктурата за наводнување предвиден е буџет за рехабилитација и модернизација на постоечката инфраструктура за наводнување, како и поправка на мали брани и резервоари. Изработени се основни проекти за мали системи кои треба да се градат во иднина и за кои е обезбедено финансирање“,
рече Хоџа.
Градоначалникот на Општина Валандово, Перо Костадинов, истакна дека завршена е најголемата инвестиција од постоењето на општината и реализиран е проект од суштествено значење за општинскиот развој и перспектива.
На настанот присуствуваа и премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Љупчо Николовски, како и министерот за здравство Венко Филипче.
Присутен беше и заменик-амбасадорот на Германија, Ото Граф, кој изрази задоволство од завршената инвестиција – од застарен отворен канал до модерен и целосно автоматизиран систем за поефикасна употреба на вода, но и на енергија.
„Најважно е дека со оваа инвестиција земјоделците како крајни корисници ќе имаат сигурна вода за наводнување за своите полиња, а со тоа и многу подобра перспектива за планирање на нивното производство како и подобри услови за работа“,
рече заменик-амбасадорот Граф.
30 отсто од средствата за реализација на проектот се обезбедени од Буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а 70 отсто во договор со Владата на Сојузна Република Германија застапувана од Германската развојна банка (KfW) во форма на грант и на заем под поволни услови.