Истражувањето е направено според податоци од 11 милиони вакцинирани лица постари од 50 години, споредено со податоците за 11 милиони невакцинирани лица во истата возрасна група
Резултатите од нова француска студија покажуваат дека вакцините против ковид-19 го намалуваат ризикот од хоспитализација и смрт за 90 проценти кај луѓето постари од 50 години и се чини дека се ефикасни против делта-сојот на вирусот.
„Ова значи дека вакцинираните луѓе имаат деветпати помал ризик за хоспитализација или смрт од ковид-19 отколку невакцинираните луѓе“,
изјави за АФП епидемиологот Махмуд Зуреик, кој ја предводи научната група „Епи-Фаре“.
Во студијата се наведува дека од 14-от ден по втората доза на вакцината „забележано е намалување на ризикот од хоспитализација за повеќе од 90 проценти“.
Истражувањето е направено според податоци од 11 милиони вакцинирани лица постари од 50 години, споредено со податоци за 11 милиони невакцинирани лица во истата возрасна група во период од 27 декември 2020 година до 20 јули 2021 година.
Ова истражување се однесува само на вакцините „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“ и „Астра Зенека’.
Комитетот за имунизација препорача трета доза „Фајзер“ не само за лица над 60 години и за здравствени работници, туку и за кои било други граѓани доколку се изложени на ризик од ковид-19, поради тоа што имаат чести контакти на работа или приватно, без оглед на возраста и дали имаат или немаат хронични болести. Податоците од Министерството за здравство покажуваат дека до 9 октомври трета доза примиле 782 граѓани.
