Весна Андреева за најубав ден во животот го смета оној кога на свет го донела своето првороденче Кристијан. Уште од првиот момент младата мајка се соочила со вообичаените детските болести, кои за жал невообичаено долго траеле – до тој степен што целосно ќе го сменат животот на нејзиниот син, но и на целото семејство.
„Мојот син е роден 9. 11. 2004 година, роден како здраво дете, се сомневаме на вакцината ДТПР на три месеца која ја прими, тој имаше продолжена жолтица од самото раѓање.
На три месеци ја прима ди-те-пер вакцината и од тој момент му се поремети спиењето дење-ноќе, не се знаеше кога треба да спие. Ги прашав докторите што точно се случува со Христијан и зошто стана поплачливо дете, ми рекоа дека наводно уште е рано, уште е бебе и поради тоа уште не знае дење и ноќе.“, раскажува мајката.
Весна смета дека лекарот не смеел да дозволи вакцинирање на Кристијан, кој во тој момент имал жолтица.
„Иако јас на почетокот бев скептик дека вакцината е проблем за аутизмот, јас кога го родив моето второ дете осетив разлика. Стално се спротивставувам на мислењата дека вакцината е проблем за аутизмот, но подоцна, случајно наидов на интернет дека баш нус појави на ДТПР вакцината стои меѓу другото и дека се добива аутизам. Мислам дека и во најнормална состојба ДТПР може да појави аутизам.“, нагласува Весна, која е противник на вакцините.
Весна е една од мајките штго се сомневаат во бенефитот од вакцинирањето, но и во квалитетот на вакцините што ги увезува Македонија.
„До властите апелирам и до сите надлежни, да остават на родителите да имаат право на избор за вакцината, да не бидат виновни после самите тие затоа што се уништиле многу човечки животи.“, посочува таа.
Група родители пред три години пред Уставниот суд ја оспорија законската одредба за задолжително вакцинирање на децата. Судот ја одби претставката, но дебатата за ова прашање продолжи. „360 Степени“ ги побара членовите на анти-вакциналното здружение „Здравје со игла не влегува“, но сите одбија јавно да зборуваат.
Не постои научна студија во светот која би поддржала теза дека вакцините предизвикуваат аутизам.
Дефектологот професор Владимир Трајковски, повикувајќи се на бројни анализи, вели дека вакцините можат да ја влошат состојбата, но не и да го предизвикаат аутизмот.
„Јас ги поддржувам родителите на право на избор, заради тоа што исто така е докажано во повеќе студии дека дете што има веќе аутизам и по примање на секоја наредна вакцина него му се влошува клиничката симптоматологија и тука ги оправдувам оние родители кои веќе имаат дете со аутизам, другото дете да не го вакцинираат.“, вели д-р. Владимир Трајковски, кој е и претседател на македонското научно здружение за аутизам.
Во Македонија се спроведува задолжителна и бесплатна вакцинација за секое новородено дете.
Уште во првите 24 часа по раѓањето новороденчињата примаат вакцина против жолтица, а до крајот на првата година и против туберколоза.
Со полни 2 месеца примаат шестовалентна вакцина против жолтица, детска парализа, дифтерија, тетанус, црна кашлица и ХиБ.
Со полни 3,5 месеци повторно примаат петовалентна вакцина која штити од сите овие заболувања освен хепатит Б. Таа се повторува и на полни шест месеци.
На 12 месеци децата се вакцинираат со МРП вакцината, чија цел е да создаде одбранбен механизам против мали сипаници, заушки и рубеола.
Од 18 месеци до 18 години се прави ревакцинација пет пати. Дополнително, сите девојчиња на 12 години ја примаат и вакцината ХПВ, како заштита од рак на грлото на матката.
Кога над 95 отсто од популацијата е вакцинирана, се смета дека е создаден колективен имунитет во државата односно заштита од појава на заразна болест.
Поголем дел од родителите што ги анкетиравме го поддржуваат вакцинирањето.
„Мислам дека тоа е добро за сите – и за децата и за нас. На никој не му е во интерес нацијата да му се разболи или нешто слично.“
„Вакцинирањето – па да, во целина да, инаку без вакцинирање што би правеле.“
„Вакцинирани сме, јас сум женет, децата ми се вакцинирани, јас исто така, веруваме во квалитетот. Досега, фала му на Господ, немало проблеми.“, сметаат дел од родителите.
Неспорејќи за потребата, туку сомневајќи се во квалитетот, еден родител за „360 Степени“ сведочи дека вакцините ги купува од Грција и дека му се дадени на неговото дете во државна здравствена установа во Македонија.
„Процесот е многу едноставен, тоа е еден телефон од две аптеки –веледрогерии од Солун, каде што се најавувате – ми треба таа и таа вакцина. Човекот вели – да, ја имам, дојдете тогаш и тогаш, едно сабота, едно патување до Солун, се купува, во фрижидерче за мраз се става, каде што се чува под таа температура и се носи во Скопје и на крај се транспортира до лекарот, до докторот кој му ја дава на детето. Тоа, велам, сепак се лекари од јавно здравство.“, раскажа тој.
И покрај ваквото сведочење и многу други слични примери, надлежните тврдат дека е невозможно вакцина купена во странство да се аплицира во јавна здравствена установа во Македонија.
„Антивакциналните кампањи и групи прават проблем овој период, бидејќи едноставно ги насочуваат родителите да не ги вакцинираат децата, ги убедуваат дека вакцините не се безбедни, а никој не може да не убеди нас експертите дека вакцините пред 50 години биле побезбедни од сега.“, вели д-р. Јованка Костовска – државен советник во министерството заздравство.
Професорката на Фармацевтскиот факултет во Скопје, Александра Грозданова, е дел од државниот тим кој врши контрола на увезените вакцини. Тврди дека еден од најригорозно контролираните процеси во фармацевтска индустрија е производството на вакцини. Убедена е дека составот на вакцините не може да биде причина за појава на болест кај дечињата.
„Секој лек, покрај активната компонента, има и помошни материи. Тука влегуваат материи како што се алуминиумот, меѓутоа неговите алуминиумни соли. Многу често оспоруваната жива, ќе споменам живата апсолутно не се наоѓа во елементарен облик, односно како молекула жива во составот на вакцините, туку во органско соединение тимеросал, кој е одобрен за употреба.
Постојат, во икс прехранбени производи, можат и самите родителите да прочитаат, од типот, на пример, алуминиумовите соли ги има нормално во мајчиното млеко, во формулите за новоренчиња во оние прашоци за вештачко млеко, во преработките во исхраната, посебно во конзервираната храна, каде континуирано многу во поголеми количини ги внесдуваме. Да не споменам колку од овие материи ги има во козметичките апарати секојдевно што ги користиме.“, вели Грозданова.
Минатата година, 2.800 дечиња останале невакцинирани од МРП вакцината против мали сипаници, заушки и рубеола. Најголем дел од нив, 2.400 деца се од Скопје. Од Државниот здравствен инспекторат велат дека за 2016-та поднеле 126 прекршочни пријави против родители, како опомена дека може да влијаат врз здравјето на своите деца. Казните се движат од 300 до 650 евра.
Намалениот процент на вакцинирани деца е причина Детската клиника во Скопје да регистрира случај на црна кашлица, вели директорката Аспазија Софијанова.
„Ние на клиника се сеќавам добро пред десетина дена примивме детенце со пертусис, значи со таканаречена црната кашлица, која ја извадивме кај тоа дете и го верифициравме во Институтот за јавно здравје, го пријавивме. Се повеќе и повеќе гледаме и морбили – ситни сипаници, гледаме паротит односно заушки и сега ако треба да размислуваме па заушките што последици може да остават, кои во моментот може не изгледаат така, но можат да остават траен стерилитет, рубеолата која практично исто така претставува ситни сипаници, а ако мајката ја добие во текот на бременоста дефинитивно остава и има тератогено дејство.“, вели д-р Аспазија Софијанова – директорка на Детска клиника и претседател на Здружение на педијатри.
Несаканите ефекти од вакцинирањето кај одредени деца, Софијанова ја припишува на нестручност на лекарите од кои дел често ги вакцинираат децата кампањски и без детална здравствена проверка.
„Никој не исклучува дека ако детето носи предиспозиција за одредени работи и дека ако не во право време се одлучи да се комбинираат повеќе работи заедно, вклучувајќи и вакцинирање во погрешно време, дека сето тоа нема некаде да доесе и нус ефекти кои сме ги гледале како темепратура, како вознемиреност, плачливост. Многу е важно кога се дава вакцината, „униформата“ да биде таа која првично ќе одлучи дали е времето ок или не е ок за давање вакцина. Децата не се машина, не се штанцање на ставање на некој тип, на да речеме од надвор, независно што е корисен за нив, па во секоја цена да се даде во тој одреден временски период.“, додава Софијанова.
Според доктор Јованка Костовска од Министерството за здравство, и невакцинираните деца мора да се примат на училиште, но:
„Едно невакцинирано дете во градинка може да направи проблем и во училиште. Меѓутоа, во нашите закони само стои да се провери вакциналниот статус и да се укаже на детето, доколку не е вакцинирано, да ги прими вакцините, па да дојде во градинка или во училиште. Во нашите закони нема санкции, нема одредби каде што пишува дека не смее да се прими во училиште или во градинка.“, смета Костовска.
До каде ќе оди поделеноста по ова прашање во Македонија?
„Не знам која казна би следела и што ако ме казнат, мене веќе ме казниле, животот ми го уништиле. Имам навистина голем проблем со Кристијан, навистина е една од потешките форми на аутизмот, затоа и денеска не можевте да го снимате овде.“, вели Весна Андреева.
„Kога би ги ставале на кантар сите овие плус и минус ситуации, она што го носи вакцинирањето, пречистените вакцини, вакцините кои навистина кога ќе се дадат во правилниот временски период, под контрола на лекар, под контрола на лекар го нагласувам, и со претходно добро прегледан пациент, значи дете, сигурно дека бенефитот е огромен.“, тврди Софијанова.
Напишете коментар