Резултатот ќе биде познат откако ќе завршат тестирањата врз луѓе кои се во тек
За да се стекне целосен имунитет, најверојатно ќе бидат потребни две дози вакцина против новиот коронавирус во интервал од еден месец, објавува весникот Ју-ес-еј тудеј.
Освен ова, според научниците на кои се повикува весникот, можно е да биде потребна и дополнителна доза „засилувач“ (т.н. бустер) неколку години подоцна.
Научниците ширум светот работат на создавање на вакцина против вирусот SARS-CoV-2, кој го предизвикува ковид-19 и веќе ги имаат првичните индиции за тоа како би можело да изгледа вакцинацијата.
Зошто две дози
Објаснувањето е дека две дози вакцина се потребни бидејќи SARS-CoV-2 е нов вирус и никој нема антитела. Првата доза би требало да го подготви имунолошкиот систем и да му помогне да го препознае вирусот, а втората да го зајакне имунолошкиот одговор.
Во првата доза, имунолошкиот систем реагира на нешто што сѐ уште не го сретнал. Потоа го обработува и развива антитела и имунолошки клетки. За тоа му требаат околу 14 дена, велат експертите.
Но, за некои патогени, потребна е уште една доза за имунолошкиот систем целосно да созрее за да ја победи инфекцијата. Две дози се вообичаени за многу вакцини што им се даваат на децата, како што е вакцината за сипаници.
Но, вакцината против пневмококи, која спречува некои форми на пневмонија, менингитис и сепса, се дава во четири дози. Комбинираната вакцина за тетанус, дифтерија и пертусис се дава во пет дози.
Ваквите вакцинации се вршат во текот на детството кога децата често одат на лекарски прегледи и и лесно може да се гарантира дека се дадени во соодветната временска рамка, односно дека се следи распоредот за имунизација.
Кај возрасните, работите се малку покомплицирани.
Вакцините за хепатитис Б, ХПВ и хепатитис А бараат серија од две или три дози, но повеќето возрасни на кои им требаат често не го завршуваат циклусот.
Резултати дури по тестирањата врз луѓе
„Повеќе од стотици кандидати се вклучени во различни фази на тестирање низ целиот свет и речиси сите се очекува да бидат подложени на режим со две дози“,
вели за весникот Бери Блум, имунолог и професор по јавно здравје на Харвард.
„Точната доза ќе биде јасна кога ќе се дознаат резултатите од клиничките испитувања на потенцијални вакцини кај луѓето“,
вели Кели Мур, директор на Коалицијата за акција за имунизација (ИАЦ), невладина организација која соработува со американскиот Центар за контрола на болести и превенција, додавајќи дека тестирањето врз животни покажало дека се потребни две дози.
Таа посочува дека некои вакцини, како онаа против сипаници, создаваат доживотен имунитет, поради тоа што овој вирус е стабилен. Но, вирусот на грип има неколку видови и постојано мутира, поради што треба да се „ажурира“ секоја година.
Досега, SARS-CoV-2 покажал дека е релативно стабилен, што укажува дека луѓето би можеле да добијат имунитет за подолг временски период, рече Блум.
Но, имунолошкиот штит може да ослабне за неколку години. Кога станува збор за САРС и МЕРС, вируси слични на тековниот коронавирус, некои податоци покажуваат дека нивото на антитела се намалило со текот на времето.
Доколку е така, ќе биде потребен „засилувач“ неколку години по втората доза на вакцината, но тоа „нема да се откри додека не завршат тестирањата, рече Блум.
*Поврзана вест
СЗО: Во моментов во светот се работи на развој на 133 вакцини за ковид-19