Двете одлуки на Пендаровски за прогласување вонредна состојба останаа непотврдени од овој собраниски состав, иако имаше иницијатива за свикување на распуштениот парламент
Заев не исклучува можност од продолжување на вонредната состојба, поради, како што вели, економските импликации од здравствената криза
Советот за безбедност ќе одржи нова седница в петок, на која треба да се разгледаат резултатите од вонредната состојба во изминатиот период, по што не е исклучено претседателот Стево Пендаровски да донесе нова одлука за вонредна состојба, доколку има таков предлог од Владата. Во спротивно, вонредната состојба поради коронавирусот, која првично беше прогласена на 18 март, по што беше донесена уште една одлука за нови 30 дена, ќе заврши в сабота.
Премиерот Оливер Спасовски изјави вчера дека Владата овие денови ќе одлучи дали ќе побара вонредната состојба да потрае уште извесно време. Претседателот Пендаровски, пак, изјави пред извесно време за „360 степени“ дека, ако има подобрување на ситуацијата со коронавирусот, тој двапати ќе размисли дали ќе биде „единствениот кој ќе продолжува – 30, плус 30, плус 30 дена вонредна состојба“. Неговите две одлуки останаа непотврдени од овој собраниски состав, кој да не беше распуштен ќе требаше, наместо Пендаровски, да ги донесе одлуките за прогласување вонредна состојба, како што е предвидено со Уставот.
Со оглед на тоа што со завршувањето на вонредната состојба и техничката влада веќе нема да може да носи уредби со законска сила, во период кога парламентот е распуштен, не се исклучува можност од уште едно продолжување на вонредната состојба. Ама тоа, секако не би било за уште 30 дена, туку за покус период, со оглед на тоа што завршувањето на вонредната состојба е поврзано со роковите за завршување на вонредните парламентарни избори.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, вечерва во гостување на Телма, не исклучи можност од продолжување на вонредната состојба, поради, како што рече, економските импликации од здравствената криза.
„Иницијативата за прогласување вонредна состојба беше поради економските импликации, за да може Владата да носи уредби со законска сили и да им помогне на граѓаните, на стопанството, но и заради здравствената состојба. Сите мерки во врска со ограничувањата не се уредби со законска сила, туку се одлуки на Влада. Уредбите најмногу се однесуваат на економските импликации, така што, ако биде продолжена, тоа ќе биде заради економските импликации. Ако, пак, не биде продолжена тоа ќе биде поради тоа што повеќе нема економски причини за тоа“,
истакна Заев.
Во тој контекст, посочи дека единствениот механизам во моментов во однос на изборите е уредбата која е поврзана со завршување на вонредната состојба.
„Само претседателот на парламентот распишува избори. Тоа решение е сега замрзнато, додека трае вонредната состојба. Штом заврши се одмрзнува и остануваат уште 22 дена до изборите. Логиката ми кажува дека ќе има продолжување на вонредната состојба поради економски, веројатно и здравствени причини, и на крајот заради правно – формални“,
рече Заев.