Најавата за новиот протест, опозицијата ја поткрепува со тврдења за мобинг, отпуштања и деградирања на политички неистомисленици
ВМРО-ДПМНЕ најави за утревечер нов протестен марш во центарот на Скопје, но овој пат на друга рута – до Министерството за информатичко општество и администрација и на поинаква тема – против реваншизам и терор врз граѓаните и политичките неистомисленици.
Според опозициската партија, Македонија е заробена држава од страна на мафијата на власт, а главна одлика на власта се реваншизмот и теророт врз сите граѓани, нивни неистомисленици.
Оваа ненародна власт зема од лебот на народот, за да стави во сопствениот џеб. Стотици луѓе низ цела држава, кои не се истомисленици со Зоран Заев и неговите луѓе, се тероризираат и се преместуваат на работни и по повеќе од 50 километри од нивното место на живеење. Оние што не можат да ги скршат ги бркаат од работа, и оставаат цели семејства со три и четири деца без леб. Тоталитаризмот на оваа власт го зема својот данок. СДСМ нема проблем да отпушти самохрана мајка од работа, а уште помалку да врши мобинг на работно место. Додека народот нема опција за преживување, тие купуваат луксузни вили на Халкидики. За Заев школки, за народот трошки – ова е суровата реалност со СДСМ и Заев“,
се наведува во соопштението со кое ВМРО-ДПМНЕ го најавува новиот од серијата протести што ги почна пред неколку седмица.
Собирно место за утрешниот протестен марш, кој ќе почне во 18.30 часот, повторно е Министерството за правда.
Опозицијата во изминатиот период одржа неколку протести на три теми: поскапувањето на струјата, загризувањето на ликот и делото на Гоце Делчев и неправда.