Гласањето за законот за јавно обвинителство, законот за Советот на јавни обвинители и законот за одбрана е закажано за утре во 11 часот, а еден час подоцна треба да почне седницата за распуштање на парламентот.
„Бесмислено е да гласаме за законот за Советот на јавни обвинители без донесување на законот јавно обвинителство за кој во моментов нема мнозинство, а тие две работи се меѓусебно поврзани,“ изјави собранискиот спикер Талат Џафери и го закажа гласањето за утре, пред седницата за распуштање на парламентот.
Во 11 часот ќе се гласа и за законот за одбрана, за кој пратениците предмалку ја завршија расправата, а еден час потоа следува и седница за распуштање на парламентот. И за законот за одбрана се потребни 80 гласови, за кои се смета дека се обезедени. Ова законско решение, сепак, се одолговлекуваше се до денеска затоа што ВМРО-ДПМНЕ го спори членот со кој Армијата се преименува во Армија на Северна Македонија.
Преговорите за обезбедување на двотретинско мнозинство за законот за јавно обвинителство, според изјавите на владејачкото мнозинство, се завршени. Сепак, СДСМ и ДУИ денеска уште еднаш ги повикаа сите партии да го поддржат законот. ВМРО-ДПМНЕ засега не отстапува, бидејќи, како што велат, законот се носи „шверцерски“ за обвинети функционери од власта да се спасат од одговорност.