Утре во Куманово е прогласен ден жалост по повод вчерашниот трагичен настан во Романовце каде што во семејна куќа на семејствата Алими и Сакипи по експлозија на плинска боца и пожар, на самото место загинаа три дечиња, подоцна почина и 58-годишен маж, додека вкупно седуммина се повредени, од кои четворица се во тешка состојба.
Знамињата ќе бидат истакнати на половина копје, културните, спортските и забавните манифестации ќе бидат одложени.
Оваа одлука денеска едногласно ја донесоа градските советници на посебна седница на која со едноминутно молчење им оддадоа почит на загинатите.
Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски апелираше до надлежните државни институции да ја утврдат фактичката состојба и да објават детали.
„Најмалку што можеме да направиме е да прогласиме ден на жалост во мултикултурно Куманово кое им припаѓа на сите. Сакам да ја искажам намерата на Општината и граѓаните, бидејќи во овие моменти сите сме сплотени без разлика на етничката, верската, политичката припадност, заедно со овие семејства. На располагање сме да помогнеме институционално и вонинституционално, за ако е возможно да се ублажи болката на членовите на семејството и на сите кумановци“,
рече Димитриевски.
Дел од советниците побараа поголема инспекциска контрола за производителите, дистрибутерите на плинските боци.