Овој извештај е одговор на нацрт-извештајот што Центарот за светско наследство на УНЕСКО со забелешки и препораки го испрати до државата на почетокот на јануари
Владата го разгледа и го усвои извештајот за состојбата во Охридскиот Регион и ја задолжи Националната комисија за УНЕСКО да го достави најдоцна до 25 февруари.
Овој извештај е одговор на нацрт-извештајот што Центарот за светско наследство на УНЕСКО со забелешки и препораки го испрати до државата на почетокот на јануари. УНЕСКО на 123 страници оцени дека не само што не се отстранети постоечките закани и слабости, туку од 2017 година досега се додадени и нови.
Нацрт-извештајот на УНЕСКО беше пратен за коментари од надлежните институции во земјава, а конечната одлука дали Охридскиот Регион ќе биде впишан на Листата на Светско природно и културно наследство во опасност, треба да се очекува најрано во јули годинава.
Пред една недела, Националната комисија, предводена од министерката за култура Ирена Стефоска, усвои мислење за извештајот и го достави до Владата. Тогаш информираа дека поради транспарентност и запознавање на пошироката јавност, извештајот за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион и напредокот во спроведувањето на препораките ќе биде јавно објавен на веб-страницата на Министерството, но откако ќе биде доставен до Центарот за светско наследство.
УНЕСКО во обемниот нацрт-извештај забележува дека исполнети се условите за Охридскиот Регион да се впише на Листата на Светско природно и културно наследство во опасност зашто во последните три години не се завршени задолженијата побарани во 2017 година.
Се вели дека се продолжува развивањето проекти со кои дополнително се загрозува ова заштитено подрачје, а евидентнo е и дека регионот е високо ранлив поради значајни проблеми со менаџирањето и слабото спроведување на законската рамка.
Забелешките на УНЕСКО се однесуваа на двете страни на Охридското Езеро, бидејќи во 2019 година како светско природно и културно наследство беше впишан и делот од регионот кој се наоѓа на територијата на Албанија.
Кон средината на јануари, само неколку дена по нацрт-извештајот на УНЕСКО се одржа конститутивната седница на Националната комисија. По службена должност, претседател е министерката за култура, Ирена Стефоска, а составена е од уште 22 членови меѓу кои се министри од Владата, директори на државни институции и авторитети за областите кои се поврзани со светската организација.