Според идниот вицепремиер и министер за транспорт и врски, актуелното прашање околу употребата на уставното име го покренал премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, затоа што проценил дека тоа ќе му користи во кампањата за изборите за Европскиот парламент
Николски во вечерашното интервју за „Топ Тема“ на ТВ Телма рече дека тие во кампањата имале едно клучно ветување – дека ДУИ ќе оди во опозиција и една политичка заложба – дека нема да дозволат уставни измени под бугарски диктат
Јас и денес мислам дека начинот на кој се направи Преспанскиот договор и неговата содржина се лоши. Не планирам да го користам ниту во изјави, како што не сум го користел ни досега, ниту во било кој мој настап, но кога ќе видам документ пред мене којшто е дел од устав и закон, секако дека ќе го потпишам, изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и извесен иден вицепремиер и министер за транспорт и врски во новата влада на мандатарот Христијан Мицкоски, која се очекува да биде избрана претстојниот викенд во Собранието.

Николоски беше прашан и говореше на оваа тема во вечерашното интервју за емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма, откако вчера партискиот лидер и мандатар Мицкоски, исто така, во телевизиско интервју (за ТВ Сител) рече дека заклетвата како нов премиер ќе ја даде со уставното име на државата и дека името со придавката ќе го користи во своите настапи во странство. Мицкоски вчера кажа, а истото го повтори и денеска, одговарајќи на новинарски прашања во Тетово, дека не можеме да се однесуваме со двојни стандарди – „да бараме од граѓаните да ги почитуваат законите и уставот, а ние да не ги почитуваме“.
Николоски во вечерашното интервју рече дека тие никогаш не го игнорирале ова прашање.
„Видете, јас и денес мислам дека начинот на кој се направи Преспанскиот договор и содржината на Преспанскиот договор се лоши, сум го критикувал, но тоа е нешто што во меѓувреме се случи и за жал државата го има тоа име коешто го има. Дали мене ми се допаѓа? Не ми се допаѓа. Дали планирам да го користам, секако дека не планирам да го користам ниту во изјави, како што не сум го користел ни досега, нити во било кој мој настап. Но, кога ќе видам јас документ пред мене којшто е дел од устав и од закон, секако дека јас и досега сум потпишувал како пратеник и претседател на Националниот совет за евроинтеграции, вакви документи, ќе ги потпишувам и во иднина, и тоа е тоа што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, го кажа…“,
рече Николоски.
На прашањето како ќе биде во странство, бидејќи Мицкоски кажа дека ќе го користи уставното име, предлог-кандидатот за вицепремиер и министер за транспрот и врски одговори дека тоа е меѓународно претставување на државата и дел од Договорот од Преспа.
Директно прашан дали претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова била пробен балон за да видат како ќе реагираат стратешките партнери во однос на употребата на името, Николоски го повтори ставот на претседателот на партијата, Мицкоски, дека Сиљановска-Давкова заклетвата во која не го изговори уставното име, туку користеше само Македонија, ја дала според Изборниот законик.
„Новинарот: На која држава е претседателка Сиљановска-Давкова?
Николоски: На Македонија, како на која држава.
Новинарот: А кое е името на државата?
Николоски: Јас не сакам да го кажам, инаку сите знаеме кое е името на државата… Прво, во однос на Сиљановска, ќе ја поканите, ќе зборувате, не сум нејзин портпарол, ниту имам намера да бидам… Не мислам дека ниту нејзините години, ниту сериозноста дозволуваат да е проба на било кого. Но не сум јас нејзин портпарол“,
вака се одвиваше дел од разговорот во „Топ Тема“.
Според Николоски, проблемот околу употребата на уставното име го покренал премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, затоа што проценил дека тоа ќе му користи во кампањата за изборите за Европскиот парламент.
„Ако ги вратите неговите изјави, првата негова изјава беше пред воопшто да се случи инаугурацијата на Сиљановска-Давкова, затоа што процени дека во неговата кампања за европските избори во Грција ова ќе е тема којашто нему ќе му користи. И, земете ги изјавите, ќе видите дека тие почнуваат со почетокот на кампањата за европските избори и горе-долу се затворија некаде околу 6-7 јуни кога оваа кампања заврши, а Мицотакис не го доби резултатот којшто го очекуваше на европските избори. Имајќи предвид дека е внатре, нормално ги искористи своите контакти прво во рамките на Европската Унија, после во рамки на Европската народна партија (ЕПП) за да крева ова прашање. Но, ова прашање не му го донесе резултатот. Како резултат на тоа што немаше успех на изборите, Мицотакис во моментов прави реконструкција на владата. Треба да се сме свесни, но и паметни во исто време, дека и во Грција и во Бугарија, кога на било кој политичар ќе му треба рејтинг, го отвораат прашањето за Македонија. И треба да сме многу свесни за таа работа. Ние ќе водиме држава и треба сериозно да пристапуваме на работите и аналитички да ги гледаме работите, а не дневнополитички… Но, дали е тоа (уставното име) во правниот промет и домашен и меѓународен, за жал е, и ние не можеме да ја игнорираме реалноста“,
рече Николоски.

Говорејќи во таа насока тој рече оти не се сеќава дека во изборната кампања „било кој од нас рече дека Преспанскиот договор не постои или рече дека нема да го почитува Уставот“.
Во тој контекст, Николски рече дека тие во кампањата имале едно клучно ветување – дека ДУИ ќе оди во опозиција и една политичка заложба – дека нема да дозволат уставни измени под бугарски диктат.
„Во недела ДУИ оди во опозиција, нешто што 20 години било мислена именка во оваа држава. А политичката заложба беше дека никогаш нема да дозволиме Бугарија да ја уценува Македонија и дека нема да дозволиме уставни измени под бугарски диктат. И стоиме на тоа. Така што, ваква форма на уставни измени, каква што е предложена, нема да има, и тоа значи дека и двете работи коишто ние ги ветивме во кампањата ќе ги реализираме“,
рече Николоски.
Во однос на европската интеграција, тој рече оти е факт дека за земјава друга алтернатива нема, но факт е и, како што додаде, дека ако најголемите земји членки на ЕУ сакаат, за едно попладне можат да го решат проблемот со Бугарија.
„За разлика од претходно, ова е двонасочна улица, и јас стојам позади тоа што сум го зборувал во опозиција, а тоа е дека доколку најголемите земји членки сакаат, тука не спаѓа Германија, Германија сака, Македонија да почне преговори, проблемот со Бугарија ќе го решат за едно претпладне или едно попладне, затоа што ние немаме проблем со најсилната земја членка на Европската Унија, ние имаме проблем со најслабата или втората најслаба земја членка на ЕУ. И мене никој жив со сите контакти што ги имам надвор и пријатели не може да ме убеди дека тоа не може да го решат државите коишто сакаат проширување“,
рече Николоски.