Уставните судии, по денешната седница, на работен состанок ќе расправаат по предлогот на судијата Осман Кадриу за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за распуштање на Собранието.
Претседателот на Уставниот суд Сали Мурати во интервју за МИА рече дека во моментот нема оформен предмет за оценување нејзина уставност и законитост и понатамошното постапување на Судот по ова прашање ќе зависи од ставот што ќе го заземат уставните судии на работниот состанок.
Судот, претходно, на седницата одржана на 8 и 15 април 2020 година, со мнозинство гласови одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оваа одлука која беше побарана од друг подносител. Но, на 30 април, од страна на судијата Осман Кадриу е доставен предлог за поведување постапка по службена должност за оценување на уставноста и законитоста на истата одлука, поради што е закажан работен состанок на судиите.
Аргументацијата на судијата Осман Кадриу е дека одлуката на пратениците за само распуштање е легитимна, ама дека станала беспредметно откако не се одржаа избори на 12 април.
Владата на вчерашната седница утврди мислења за две уредби кои се наоѓаат пред Уставен – решавање на статусот на вработените во СЈО и стопирање на дејствијата за спроведување на предвремените парламентарни избори, и препорача Уставниот суд да ги отфрли во целост иницијативите со кои се бара оценка на нивната уставност.
Ако судиите одлучат да се поведе постапка по службена должност, ќе биде оформен посебен предмет кој ќе биде доделен во работа на судија известител и државен советник, кои по завршувањето на претходната постапка треба да достават работен материјал за седница (реферат) со содржан предлог за одлучување што ќе биде разгледан на седница на Судот.
Уставните судии денеска ќе ја разгледуваат и иницијативата за отворање постапка за оценување на уставноста на одлуката на шефот на државата Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба.
*Поврзана вест