Според него, Уставниот суд има потреба од закон за доуредување на уставните одредби зашто смета дека статус кво состојбата нема да донесе никому ништо добро
Уставниот суд предолго време бил инертен. Реформите треба да ги иницира самиот суд, оти токму ние најдобро знаеме со што се соочуваме во нашата работа. Ова денеска го рече претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на тркалезната маса на тема „Дали ни е потребен Закон за Уставниот суд“, на која се отвори дебата за потребата од донесување посебен закон што би го регулирал работењето на Уставниот суд, преку дијалог меѓу претставниците со институциите, правната струка и граѓанскиот сектор.

Свои обраќања на дебатата имаше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Михалис Рокас, евроамбасадорот во земјава, Петра Дрекслер, амбасадорката на Германија во земјава, како и американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер.
„Уставниот суд има потреба од закон за доуредување на уставните одредби зашто статус кво состојбата нема да донесе никому ништо добро“,
рече тој.
Посочи дека струката и во науката има поделени мислења на оваа тема, но оти неговиот став е јасен и се залага за Закон за Уставен суд, но не каков било, туку да се даде уставна основа за двотретински закон или Уставен закон за доконкретизирање на уставните одредби.
„Тоа се тие две можности. На нас ни треба двотетретинско мнозинство за да ни ја гарантира нашата самостојност, независност и упадите и можностите од политичко влијание. Се под двотретинско мнозинство е опасно за независноста и самостојноста на Уставниот суд“,
рече тој.
Според него, една од најчестите критики за уставното судство во изминатите 34 години е начинот на избор на судиите, односно кој се може да биде уставен судија.
„Во моментов начинот на избор на судиите е скромно транспарентен. Граѓаните се лишени да знаат кои се кандидати, кои се избрани, па дури и како работат. Начинот на избор на уставните судии треба да биде нешто слично како се избираат членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), со претставување пред пратениците. Граѓаните да ги видат“,
вели Костадиновски.
Актуелноста на оваа тема, според него, не е исчезната во период од 34 години, односно од донесувањето на нашиот Устав од 1991 година.
Смета дека е неопходна реформа на, како што рече, најнереформирата институција во нашата држава.