Од Уставниот суд возвратија дека нивните одлуки се конечни и извршни
Здружението на судии ќе поднесе нова иницијатива за оценка на уставноста на Законот за плати на судиите, откако во мај Уставниот суд одлучи да не поведе постапка. Од здружението велат дека иницијативата овој пат ќе биде насочена само по однос на ретроактивната примена на законот, сметајќи дека не станува збор за res judicata (пресудена работа). Отфрлањето на иницијативата за поништување на одредбите од Законот за плати на судии, кој е донесен на 29.02.2024 година, а почнува да се применува ретроактивно од 01.02.2024 година, е скандалозно, неприфатливо и „дефакто“ го урива правниот систем на државата, посочуваат од здружението.
„Оваа одлука е исклучително опасна за правниот систем, бидејќи овозможува ретроактивна примена на Законите, без исклучоци. Па во таа смисла во иднина би се овозможило бројни манипулации, но и злоупотреби при примена на Законите кои ги регулираат правата и обврските на сите граѓани, а воедно би се создала правна несигурност во право раздавањето, што е спротивно од заложбите на РСМ како и на преземените меѓународни обврски на државата“,
се наведува во писмената реакција на Здружението на судии.
Во реакцијата се наведува и дека Здружението на судии бара од Уставниот суд, кој не е дел од судската власт туку претставува државен орган, а нејзините членови (професори, правници, обвинители па и судии) кои се избрани од законодавецот-Собранието на РСМ, да не се додворува на законодавната власт, да не носи незаконити одлуки и да не ја поткопува и девалвира судската власт.
Од здружението најавуваат и дека ќе поведат постапка пред Европскиот суд за човекови права, ако Уставниот суд не постапува, како што велат, според Уставот.
„Нивната надлежност е јасно утврдена во Уставот, па оттука треба да се држат до своите надлежности при одлучувањето, а не да носат одлуки кои се политички и популистички, со анализи и заклучоци кои се во надлежност пред се на Заводот за статистика ( дека платите на конкретна категорија граѓани се доволно големи). И судството во минатото беше незадоволно од бројните Закони за амнестии и измени на КЗ, со кои се поткопуваше и девалвираше судското постапување, но и покрај тоа, имајќи ги предвид надлежностите на судовите (а тоа е примена на Законите) судиите безусловно ги применуваа таквите закони“,
велат од здружението.
Од Уставниот суд возвратија дека нивните одлуки се конечни и извршни.
„Судот како заштитник на слободата на мислата и на јавното изразување на мислата, ги поддржува размислувањата и дебатите во јавноста и особено се добредојдени сите реакции кои содржат издржана правна квалификација. Одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни. Судот по предметната иницијатива одлучи, но дел од реакцијата на Здружението на судиите не соодвествува со уставната, правната и судската култура кои се од исклучително значење за враќањето на угледот и на довербата на граѓаните во правосудниот систем и воопшто во институциите на системот“,
се наведува во одговорот од Уставниот суд.
На седницата одржана на 15 мај Уставниот суд одлучи дека не се неуставни законските измени донесени во февруари оваа година со коишто беа намалени коефициентите за пресметување на платите за 13 отсто или, поконкретно, пораст на просечната плата . Од анализата којашто ја направил Судот, тогаш известија дека на судиите и членовите на Судскиот совет нема да им бидат намалени платите како што се тврди туку ќе им бидат зголемени, но за минимален износ.