Оштетените штедачи од Еуростандард Банка бараат од Уставен да се укине член од Законот за банки, според кој предност при исплата кога ќе пропадне банка има Фондот за осигурување на депозити, кој пак ги исплаќа законски гарантираниот поврат до 30 000 евра по штедач.
Според Фондот за осигурување на депозити, веќе се исплатени 86% од штедните влогови во Еуростандард. Односно, веќе се исплатени околу 58 милиони евра кон „малите“ штедачи со депозити до 30 000 евра.
Здружението на оштетени штедачи од „Еуростандард Банка“, најави „мирен собир“ за време на утрешната седница на Уставниот суд. Целта, како што соопштија од здружението, е да има дадат „подддршка на судиите“ кои ќе одлучуваат по иницијатива поднесена од дел од штедачите во „Еуростандард Банка“.
„Со цел давање на поддршка на судиите, Здружението ќе оствари мирен собир пред Уставниот Суд и со почеток во 9.00 часот воедно ќе одржи прес конференција за медиумите кои ќе бидат присутни. Поради развојот на настаните што претходеа на оваа седница, имаме најава од нашето членство дека и покрај ескалацијата на пандемијата собирот ќе биде помасовен од сите собири пред Уставниот Суд досега“,
соопштија од здружението на оштетени штедачи од „Еуростандард Банка“.
Како што „360 степени“ веќе објави, штедачите го оспоруваат член 163, став 3 од Законот за банките. Тој член предвидува дека кога една банка ќе пропадне, прв за исплата да биде Фондот за осигурување депозити, кој пак, потоа веднаш ги исплаќа сите штедни влогови до 30 000 евра. Механизмот практично е гаранција за помалите штедни влогови и беше воведен за да се врати довербата на граѓаните во штедењето по скандалите во 90-тите години.
Ако Уставен утре прифати да го земе предметот на разгледување, тоа ќе ги зголеми шансите наскоро да се укине оваа гаранција, со што малите штедачи (до 30 000 евра) ќе бидат изедначени со големите штедачи (над 30 000 евра). Односно, можно е да се донесе одлука поради која во иднина, кога ќе пропадне банка или штедилница, малите штедачи да немаат никаква предност во повратот на нивните заробени средства.
Од перспектива на штедачите кои се жалат до Уставен, сепак, не станува збор за заштита туку за дискриминација.
„Со истиот (Закон за банки н.з.) се прави нееднаквост и дискриминација на доверителите во стечајната постапка на банката, што е спротивно на начелата на владеење на правото дефинирани со Уставот на РСМ“,
соопштија од Здружението на штедачи.
„Натпревар“ во продложенија
Ако се следи принципот на „еднаш пресудено“, Уставниот суд би требало да одлучи да не отвори постапка по иницијативата на штедачите од Еуростандард банка. Причината е едноставна – на седницата одржана на 24 февруари судот веќе донесе таква одлука за една иницијатива против член 163, став 3 од Законот за банки. На адвокатот Љупчо Кузмановски од Скопје, кој ја поднел иницијативата, Уставен, меѓу другото, му одговори дека тој член од Законот за банки и не е работа на Уставниот суд.
Мнозинството уставни судии тогаш го делеше мислењето дека постоењето на Фондот за депозити и неговата повластена улога ја заштитува „стабилноста, општо, на банкарскиот систем како јавен интерес“.
„Фондот е државна сопственост, гарантира покривање на одредено осигурено ниво на наплата на депозити на физички лица во банките на територија на Република Северна Македонија, неговата финансиска одржливост е неопходна за целокупниот банкарски сектор во државата, не е основан за еднократна цел па оттука и неговата уставно-правна опсервација се гледа како специфична осигурителна финансиска институција која заштитува на определен начин стабилност општо на банкарскиот систем како јавен интерес. Оттука, според Судот, оспорената одредба од Законот не може уставно-правно да се проблематизира како несогласна со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата“,
се вели во дел од решението за предметот под број 299/2020.
Ваквата одлука на судот тогаш беше донесена со тесно мнозинство. Јавно и јасно, на ваквата одлука, се спротивстави уставниот судија Дарко Костадиновски, во своето издвоено мислење. Тој, за разлика од мнозинството колеги, смета дека подносителот на иницијативата е во право.
„Мој став е дека Уставниот суд, во толкувањето на одредени уставни норми, секогаш треба да пристапува низ призмата на целовитост на Уставот, и толкувањето мора да биде во согласност и во светлина на највисоките уставни вредности, начела и гаранции. За мене не постои дилема дека повеќе уставни вредности, начела и гаранции се повредени со начинот како е уредена оспорената одредба. Согласно членот 9 од Уставот ‘граѓаните пред Уставот и законите се еднакви’. Во конкретниот случај со оспорената одредба граѓаните не се еднакви пред Уставот“,
вели уставниот судија Дарко Костадиновски во своето издвоено мислење за решението за предметот под број 299/20220.
Вообичаено за Уставниот суд е кога ќе донесе ваква одлука, за неповедување постапка за одреден член на закон, таквата судбина да ја следат и евентуалните други иницијативи за истиот тој член. Но, сепак, прашавме во Уставниот суд – дали, во теорија, е можен различен исход во конкретниот случај? Ни одговорија дека не би требало, но дека е можно.

„Под претпоставка дека се мисли на ситуација кога Судот одлучил дека не постојат основи за поведување постапка за оценување уставност на одредени законски одредби, Ви укажуваме на член 29 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија според кој, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата, меѓу другото и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Во однос на последното, напоменуваме дека истото е само одговор на Вашето прашање, без да се прејудицира било каква идна одлука на Судот, за која треба допрва да се изјаснат судиите“,
велат од Уставниот суд.
Утрешната седница на Уставниот суд нема да биде првпат уставните судии да дискутираат за иницијативата на штедачите. За точката, како втора на дневниот ред, се разговараше и на 25 март 2021 година, но не се донесе одлука. Токму на таа иницијатива седницата под број 9 на Уставниот суд беше прекината.
Првично, таа седница и дискусијата за Законот за банките требаше да продолжи на 7 април. Но, се одложи и таа седница, па сега епилог се очекува утре. Неофицијално, во архивата на Уставен има уште неколку иницијативи што го спорат член 163, став 3 од Законот за банките.
Судир на интереси, или не?
Дополнителна компликација во целиот процес е што двајца судии на Уставниот суд имаат декларирано штедни влогови во „Еуростандард Банка“, а еден од нив, судијата Дарко Костадиновски, е и кумашин на Коста Костовски, најголемиот акционер во пропаднатата банка. На прашањата на „360 степени“ за потенцијалниот судир на интереси, од Уставен одговорија дека не коментираат „шпекулации“, но и дека судиите самите се придржуваат до Законот за судир на интереси.
Уставниот судија Дарко Костадиновски изјави дека нема да изземе од гласањето и ни образложи зошто смета дека нема судир на интереси.
„Не, нема да се изземам, затоа што за да се изземам во предмет, како што имам правено порано, треба да биде конкретно барање, на пример за заштити на слободи и права. Во случајов, станува збор за апстрактна уставна контрола на законска одредба која се однесува на неопределен број на субјекти, а не на поединечни субјекти“,
изјави за „360 степени“ уставниот судија Дарко Костадиновски.