Уставниот суд утре треба да одлучува по иницијатива на дел од штедачите во Еуростандард банка, кои го спорат членот од Законот за банки кој вели дека кога една банка ќе отиде во стечај, прво се исплаќа Фондот за осигурување на депозити. Инаку, оспореното законско решение кое функционира со години е со цел да се гарантира исплата на штедните книшки до 30 000 евра ако некоја банка пропадне
Меѓу уставните судии што ќе одлучуваат за иницијативата двајца има(ат)ле штедни влогови во Еуростандард банка, а еден од нив, Дарко Костадиновски, му е кумашин на Коста Костовски, синот на најголемиот акционер во Еуростандард банка, Трифун Костовски
Според Фондот за осигурување депозити, веќе се исплатени 86% од штедните влогови во Еуростандард банка
Утре е 15 април 2021 година. За најголем дел од луѓето во земјава датумот е незначаен. Но, тоа би можело да се смени. Причината е што утре Уставниот суд би требало да одлучува по иницијатива на дел од штедачите во Еуростандард банка, а тоа, пак, би можело да има влијание врз сите штедни влогови во банките во Македонија.
Заштита или дискриминација?
Во иницијативата на штедачите до Уставниот суд се оспорува став 3 од член 163 од Законот за банките. Оспорената одредба пропишува дека кога една банка ќе отиде во стечај:
„Побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители“,
се вели во член 163, став 3 од Законот за банки.
Или, кога ќе пропадне една банка, прво се обесштетува Фондот за осигурување депозити, кој, пак, ги обесштетува граѓаните со штеден влог до 30 000 евра. Ако некој има заштеда над таа сума, ќе чека дали ќе останат пари за да му биде вратен остатокот од депозитот.

Сега дел од штедачите во Еуростандард банка бараат овој член да се укине од повеќе причини, но главно бидејќи:
„Депонентите физички лица до и над 30 000 евра се нееднакви (едните се целосно обесштетени додека другите делумно обесштетени) врз основа на нивната имотна положба, што е спротивно на член 9 од Уставот. Правните лица, кои воопшто не се обесштетени, се нееднакви според општествената положба во однос на физичките лица до и над 30 000 евра, бидејќи првите се целосно, вторите делумно, додека третите (правните лица) воопшто не се обесштетени, што е спротивно на член 9 и член 55 од Уставот“,
се вели во соопштението на дел од штедачите објавено денеска.
Ова значи дека дел од штедачите бараат од Уставен не само да го тргне приоритетот Фондот за осигурување депозити да биде прв што добива пари од пропадната банка, туку и да се отстранат гаранциите дека во случај на стечај, „малите штедачи“ први ќе си ги добијат парите назад.
Кој ќе одлучува?
Ако се следи принципот на „еднаш пресудено“, Уставниот суд би требало да одлучи да не отвори постапка по иницијативата на штедачите од Еуростандард банка. Причината е едноставна – на седницата одржана на 24 февруари судот веќе донесе таква одлука за една иницијатива против член 163, став 3 од Законот за банки. На адвокатот Љупчо Кузмановски од Скопје, кој ја поднел иницијативата, Уставен, меѓу другото, му одговори дека тој член од Законот за банки и не е работа на Уставниот суд.
Мнозинството уставни судии тогаш го делеше мислењето дека постоењето на Фондот за депозити и неговата повластена улога ја заштитува „стабилноста, општо, на банкарскиот систем како јавен интерес“.
„Фондот е државна сопственост, гарантира покривање на одредено осигурено ниво на наплата на депозити на физички лица во банките на територија на Република Северна Македонија, неговата финансиска одржливост е неопходна за целокупниот банкарски сектор во државата, не е основан за еднократна цел па оттука и неговата уставно-правна опсервација се гледа како специфична осигурителна финансиска институција која заштитува на определен начин стабилност општо на банкарскиот систем како јавен интерес. Оттука, според Судот, оспорената одредба од Законот не може уставно-правно да се проблематизира како несогласна со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата“,
се вели во дел од решението за предметот под број 299/2020.
Ваквата одлука на судот тогаш беше донесена со тесно мнозинство. Јавно и јасно, на ваквата одлука, се спротивстави уставниот судија Дарко Костадиновски, во своето издвоено мислење. Тој, за разлика од мнозинството колеги, смета дека подносителот на иницијативата е во право.
„Мој став е дека Уставниот суд, во толкувањето на одредени уставни норми, секогаш треба да пристапува низ призмата на целовитост на Уставот, и толкувањето мора да биде во согласност и во светлина на највисоките уставни вредности, начела и гаранции. За мене не постои дилема дека повеќе уставни вредности, начела и гаранции се повредени со начинот како е уредена оспорената одредба. Согласно членот 9 од Уставот ‘граѓаните пред Уставот и законите се еднакви’. Во конкретниот случај со оспорената одредба граѓаните не се еднакви пред Уставот“,
вели уставниот судија Дарко Костадиновски во своето издвоено мислење за решението за предметот под број 299/20220.
Вообичаено за Уставниот суд е кога ќе донесе ваква одлука, за неповедување постапка за одреден член на закон, таквата судбина да ја следат и евентуалните други иницијативи за истиот тој член. Но, сепак, прашавме во Уставниот суд – дали, во теорија, е можен различен исход во конкретниот случај? Ни одговорија дека не би требало, но дека е можно.

„Под претпоставка дека се мисли на ситуација кога Судот одлучил дека не постојат основи за поведување постапка за оценување уставност на одредени законски одредби, Ви укажуваме на член 29 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија според кој, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата, меѓу другото и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Во однос на последното, напоменуваме дека истото е само одговор на Вашето прашање, без да се прејудицира било каква идна одлука на Судот, за која треба допрва да се изјаснат судиите“,
велат од Уставниот суд.
Но, тоа и не единствената дилема во случајот. Разгледувајќи ги анкетните листови на уставните судии, наидовме на потенцијален конфликт на интереси. Барем двајца од нив пред Антикорупциската комисија декларирале дека се штедачи токму во Еуростандард банка. Судијката Елена Гошева има(ла) 32 700 американски долари, а судијата Дарко Костадиновски и неговата сопруга имаат(ле) 6 000 евра. И двајцата гласале на 24 февруари, а како што веќе споменавме, судијата Дарко Костадиновски имал и издвоено мислење.

Но, тоа не е единствениот потенцијален судир на интерес. Кум и долгогодишен пријател на судијата Дарко Костадиновски е Коста Костовски, син на најголемиот акционер во Еуростандард банка, Трифун Костовски. Судијата не ја крие својата блискост со Костовски, која е документирана и на јавни настани. На пример, при промоцијата на неговата книга „Сведоштва од претседателскиот кабинет: моќта на трпението“, судијата Дарко Костадиновски стоеше покрај Костовски и семејството кои имаа почесно место во публиката, покрај поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, неговата сопруга и тогашни дипломати во земјава.

Костадиновски: Нема судир на интереси
И во телефонскиот разговор, уставниот судија Дарко Костадиновски потврди дека е близок со Костовски и дека имал деловни односи со банката која сега е во стечај. За разлика од анкетниот лист, каде што пишува дека заедно со сопругата имаат 6 000 евра во банката, Костадиновски дообјасни дека тој влог е повлечен и дека, всушност, тој во моментов има ситни обврски кон банката, од минусот на трансакциската сметка.
„Точно е дека до јули/јуни имав штеден влог, но во моментот на затворање на банката, јас имам само долг кон банката. Станува збор за долг на трансакциска сметка, преку која ја земав платата“,
изјави за „360 степени“ судијата Костадиновски.
Но, според судијата Костадиновски, ниту деловните односи со Еуростандард ниту приватните односи со Костовски не се пречка за тој да учествува во гласањето за иницијативата на штедачите од банката во стечај.
„Не, нема да се изземам, затоа што за да се изземам во предмет, како што имам правено порано, треба да биде конкретно барање, на пример за заштити на слободи и права. Во случајов, станува збор за апстрактна уставна контрола на законска одредба која се однесува на неопределен број на субјекти, а не на поединечни субјекти“,
изјави за „360 степени“ уставниот судија Дарко Костадиновски.
Слични прашања за тоа – дали во случајот има судир на интереси или не и што ако има, поставивме и до самиот Уставен суд. На прашањето – дали, според Уставниот суд, за точката би смееле да гласаат уставни судии кои имаат приватен интерес во Еуростандард банка ни беше одговорено:
„Пред сѐ, конкретно во овој дел се работи за шпекулација по која Судот не може да се изјасни.
Од друга страна, тоа не значи дека Уставниот суд има општ став и во случај на постоење на судир на интереси, истиот тој судија да може да учествува во расправата и одлучувањето по конкретен предмет.
Напротив, тоа е материја која е уредена со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси кој Уставниот суд е должен да го применува.
Овој закон точно дефинира што претставува ‘судир на интереси’ и предвидува дека службеното лице е тоа кое е должно да внимава на постоењето на потенцијален судир на интереси и да преземе мерки за негово одбегнување, а за неговото изземање одлучува самиот орган по претходно барање на ова лице.
Впрочем, во неколку предмети, овој состав на Судот го примени Законот за спречување на корупција и судир на интереси на начин што врз основа на претходно барање на судија, донесе одлука за негово изземање од расправа и одлучување поради постоење судир на интереси“,
одговорија од Уставниот суд за „360 степени“.
Што ако…
Како што објаснил во февруари и самиот Уставен суд, Фондот за осигурување на депозити и неговата финансиска одржливост е „неопходна за целокупниот банкарски сектор во државата“. Затоа и самите се обративме до Фондот со неколку прашања, но пред сѐ – што ќе случи ако Уставен поведе постапка и го укине или поништи спорниот член од законот?
Во одговорот од Фондот велат дека засега „ќесето“ е полно и тоа со исплатени депозити до 30 000 евра во Еуростандард Банка.
„Фондот за осигурување на депозити за цели на обесштетување на депонентите – физички лица од Еуростандард банка АД Скопје, во стечај заклучно со 28.02.2021 година има извршено обесштетување во износ од 3,6 милијарди денари (близу 58 милиони евра) што претставува 86,04% од вкупниот проценет трошок на обесштетување во износ од 4,17 милијарди денари (близу 68 милиони евра) (28.02.2021 г.). Вкупните парични средства на Фондот изнесуваат 4,9% од вкупните депозити во банките, филијалите на странските банки и штедилници во државата што е над законски утврдениот минимум од 4%. Во случај да дојде до намалување на средствата на Фондот под законски утврдениот минимум од 4%, тогаш на Фондот му стои на располагање законскиот механизам за зголемување на премијата која ја наплатува од членките на Фондот за осигурување на депозити, која во моментот изнесува 0,25% годишно од вкупните депозити во секоја банка, филијала на странска банка и штедилница“,
велат од Фондот.
Зголемувањето на премијата на депозити значи дека банките ќе мора да плаќаат повеќе пари за штедните влогови. Од Фондот не коментираат како банките ќе си го покријат тој трошок, но не е тешко да се претпостави дека намалувањето на каматите на штедни влогови би можел да биде еден механизам.
А ако во иднина се случи Фондот да остане без пари и со покачени премии, има уште неколку механизми за обесштетување на штедачите, меѓу кои, и позајмици од Буџетот.
„Согласно Законот за Фондот за осигурување на депозити (член 8) доколку дојде до исцрпување на фондот за сигурност, а се јави потреба за исплата на обесштетување, Фондот обезбедува дополнителни средства преку: 1) дополнителни уплати од банките, филијалите на странските банки и штедилниците, но не повеќе од трикратен износ на премиите уплатени во месецот кој му претходи на месецот во кој настанал ризичниот настан: 2) задолжување во земјата и странство; 3) позајмици од Буџетот на Република Македонија“,
велат од Фондот за осигурување на депозити.
Поради овие ризици, прашавме и кој е ставот на Фондот за иницијативата пред Уставен. Оттаму одговорија дека постојат во согласност со закон кој е изработен со искуствата од ЕУ.
„Фондот за осигурување на депозит е основан по lex specialis закон и својата функција ја врши од 1997 година и е еден од трите столба на финансиска стабилност во секој финансиски систем, и кај нас и во другите развиени земји. Тоа е специјализирана финансиска институција во државна сопственост… При подготовка на законската регулатива со која се регулира работењето на Фондот користени се искуства од развиените земји, земјите на ЕУ, како и земјите во соседство и истата е приспособена на нашите можности и животен стандард“,
велат од Фондот за осигурување на депозити.
Првиот „поправен“, со „продолженија“
Утрешната седница на Уставниот суд нема да биде првпат уставните судии да дискутираат за иницијативата на штедачите. За точката, како втора на дневниот ред, се разговараше и на 25 март 2021 година, но не се донесе одлука. Токму на таа иницијатива седницата под број 9 на Уставниот суд беше прекината.
Првично, таа седница и дискусијата за Законот за банките требаше да продолжи на 7 април. Но, се одложи и таа седница, па сега епилог се очекува утре. Неофицијално, во архивата на Уставен има уште неколку иницијативи што го спорат член 163, став 3 од Законот за банките.